Connect with us

Елиф Елмас ќе игра „лажна деветка“ на дуелот против Милан на „Сан Сиро“

Шампионот на Италија против идниот победник на Серија А, северот против југот на Апенините. Судирот меѓу Милан и Наполи го привлекува вниманието на Италија и на континентот.


„Росонерите“ седум пати беа шампиони на Европа, додека за „наполитанците“ ова е најдобриот настап во историјата на елитното европско натпреварување. Двата тима вечерва на „Сан Сиро“ ќе имаат дуел во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите. Првата средба е во Милано, а реваншот за една недела во Неапол.

Двата тима се соочија пред десет дена, а Милан го демолираше лидерот во Серија А со 0-4 на стадионот „Диего Армандо Марадона“. Резултатот беше изненадувачки со оглед на ефектот на двете екипи оваа сезона.

Тимот на Лучијано Спалети игра брилијантно од почетокот на сезоната и е на пат до третата титула во својата историја, а прва од 1990 година. Имаат 16 бода предност пред второпласираниот Лацио.
Милан, пак, се бори за место во топ 4, а успехот против Наполи беше единствената победа на тимот во последните шест натпревари во сите натпреварувања. Во претходната пресметка на двата тима, „наполитанците“ победија со 1-2 на „Сан Сиро“, но натпреварот беше израмнет и домаќините можат да жалат што не стигнаа барем до бод. Интересен е податокот дека во последните шест натпревари меѓу двете екипи гостите заминуваат како победници.

Наполи го имаа најдобриот напад во Италија и тимот со најдобар ефект во Лигата на шампионите.

Вечерва ситуацијата ќе биде поинаква бидејќи се без својот најдобар стрелец Виктор Осимен. Напаѓачот има 25 гола на 29 натпревари оваа сезона. Повреден е и неговата замена Џовани Симеоне, а Спалети остана само со Џакомо Распадори.

Токму поради тоа тренерот размислува дали да изведе состав без класичен напаѓач, а македонскиот репрезентативец Елиф Елмас да игра како „лажна деветка“.

Момците на Спалети победија на осум од последните 10 натпревари. Со оглед на проблемите со повредените напаѓачи, главната одговорност ќе падне на грбот на Квича Кварацкелија. Грузиецот има неверојатна прва сезона во Серија А и во Неапол веќе им го даваат неговото име на новороденчиња.

Во Милано не искористија премногу од големата победа во Неапол, затоа што неколку дена подоцна дома ремизираа 0-0 против Емполи.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови