Connect with us

Беќири: Ова е голема победа, а Шкендија може и уште многу подобро

Македонскиот фудбалски првак Шкендија го одигра првиот дуел пред домашна публика во Конференциската лига на УЕФА и пред околу 3.000 гледачи на Арената „Тодор Проески“ успеа да слави против ирскиот тим Шелбурн со 1-0.

По натпреварот, тренерот Јетон Беќири го истакна задоволството од победата, но призна дека неговиот тим не беше на својот максимум.

„Нормално е дека сме задоволни од победата. Почнавме скромно, така сакам и да продолжиме. Мене ми е важна добрата игра и бодовите во Европа, затоа што тоа директно влијае и на лигата на Македонија. Задоволен сум од првата победа во групната фаза, но најважно ми е дека оваа Шкендија моментално не е на својот максимум и се надевам дека следните мечеви, и дома и гости, ќе бидеме поквалитетни. Среќата ги следи храбрите, се согласувам дека имавме среќа, но работиме таа среќа да ја заслужиме. Има квалитет оваа Шкендија, тоа што победуваме кога не сме на 100% покажува дека сме квалитетна екипа.“

Беќири посочи дека победата е уште повредна бидејќи Шкендија играше против квалитетен ривал.

„Игравме против респектабилна екипа која одигра квалитетно, имаше победи со Ријека и Баку, а во првото коло одиграа нерешено со Хакен. Не играме против слаби екипи — во Европа нема лесни бодови. Доживувањето е убаво, слатко и верувам дека сите што сме дел од Шкендија профитираме многу од овие мечеви. Сепак, жалам што игравме на терен кој не беше идеален за игра.“

Ова е прва победа за Шкендија во УЕФА натпреварување, како и прва за Македонија во оваа фаза на Конференциската лига. Следен домашен предизвик за тетовци е дуелот со полската Јагиелонија во ноември.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови