Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, ја одржа својата прва прес-конференција како предводник на тимот. Португалецот го замени Ерик тен Хаг на позицијата, пристигнувајќи на „Олд Трафорд“ минатата недела, а во недела ќе дебитира на гостувањето против Ипсвич.
Поранешниот тренер на Спортинг Лисабон се осврна на повеќе теми, нагласувајќи ја големината на клубот, бројните промени што треба да се направат, но најмногу својата самодоверба дека работите можат да се променат и на краток и на долг рок.
„Црвените ѓаволи“ ја започнаа сезоната во Премиер – лигата многу слабо и по 11 кола се само на 13. место со 15 освоени бодови. Тие исто така се еден од тимовите со најмалку постигнати голови досега, со само 12 погодоци.
За Манчестер Јунајтед како клуб
„Клубот е поголем од она што го замислував. Постојат многу оддели, и можеш да почувствуваш дека ова е глобален клуб. Има многу работа, но добивам и многу поддршка. Веќе се чувствувам како дома. Наречете ме сонувач, но верувам во себе, во клубот и во тоа дека сите треба да сме на иста страна.“
Дали трендот може да се промени
„Секако дека може. Наречете ме наивен, но навистина верувам во тоа. Верувајте ми, мислам дека сум вистинскиот човек на вистинското место. Не сум загрижен. Не знам дали ова е најголемиот предизвик досега, тоа допрва ќе го видиме. Досега овде биле различни профили на тренери – Луј ван Гал и Жозе Мурињо кои имаат освоено сè, Солскјер кој го познаваше клубот одвнатре, и тренер како Тен Хаг од првенство надвор од Топ 5. Нема да кажам дека ни треба многу време, бидејќи ќе се обидеме да го добиеме времето со освојување победи и трофеи. Но, јасно е дека тимовите што го освојуваат шампионатот работат на своите проекти долго време.“
За стилот на игра
„Како тренер, треба да избереш одреден стил на игра. Јас секогаш целосно го следам својот стил и ризикувам од самиот почеток. Верувам во мојата филозофија и немам алтернатива. Природно е да се адаптираат одредени играчи на нови улоги, бидејќи немаме соодветни профили, бидејќи овој тим е граден за друг систем. Кога ќе го видите составот во недела, ќе има познати имиња, но стилот на игра ќе биде различен. Треба да почнеме со мали промени. Често ја губиме топката и треба да бидеме подобри во враќањето назад. Ова нема да биде револуција – фудбалот не е толку различен, без разлика дали играте со тројца, четворица или петмина одзади.“
За селекцијата на тимот
„Ова е нешто што мора да го правиме заедно. Како тренер што доаѓа овде, веќе си го избрал овој тим. Природно, може да се направат грешки, бидејќи клубот постои долго време и има работи што не ги знаеш. Но, мора да го подобриме процесот на привлекување играчи, избирајќи соодветни профили. Како тренер, ќе имам силна позиција за ова, бидејќи ја разбирам играта што сакам да ја играм. Решението треба да биде заедничко, но последниот збор треба да биде на тренерот.“
За Жозе Мурињо
„Тој ми испрати порака. Беше првиот од португалските тренери што ми покажа дека можеш да бидеш најдобар во светот. Тогаш изгледаше како да може да оди каде било и да победува. Но, времињата се различни. Сепак, верувам дека можам да им помогнам на играчите како што тој го правеше тоа во Челси. Јас сум различна личност во различен момент, а и фудбалот денес е различен“, изјави Рубен Аморим на својата прва прес-конференција.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski