Connect with us

Александар Влахо – Детална анализа на Австрија: Германска машинерија по системот на Салцбург

Австрија е денешниот противник на фудбалската репрезентација на Македонија на историскиот прв натпревар. Квалитетна селекција, а сите нејзини добри и лоши страни за пошироката јавност ги открива Александар Влахо, тренерот на Работнички…


Ете, дојде и денот на историскиот прв натпревар на македонската репрезентација на едно Европско првенство. Денот кој цела фудбалска јавност во нашата земја го очекува со нетрпение и сите имаат големи очекувања. Јавноста ја испрати репрезентацијата со многу еуфорија по последната победа од 4-0 со Казахстан, но за мене многу поважна беше играта со Словенија и тактичката дисциплина на самиот натпревар како подготовка за тоа што не чека отколку убедливата победа против Казахстан која беше добра за да се подигне самодовербата.
И по таа победа, импонира скромноста и воздржаноста во изјавите на скоро сите актери на натпреварот веројатно бидејќи се свесни дека тоа што допрва не очекува е од сосема друг карактер и тежина.


Еден друг натпревар претходно ги сврте очите на европската фудбалска јавност кон нашата репрезентација. Натпреварот со Германија. Можеби фудбалерите и стручниот штаб добија на самодоверба и тоа е перфектно пред ЕП, но од друга страна можеби сега ќе го немаме факторот изненадување бидејки сега сите кон нас гледаат со други очи, повеќе респект и уште подетално ке не анализираат. Но, верувам дека селекторот психолошки ќе ги подготви добро фудбалерите иако сите тие и самите го знаат значењето на овие три натпревари од групата, а се надевам дека ќе одиграме бар уште еден плус натпревар од нокаут фазата.

Прв натпревар против Австрија. Добро познат противник од квалификациската група. Доживеавме два порази, посебно болен оној во Скопје и бидејќи го гледав во живо натпреварот мислам дека тој беше нашиот најслаб натпревар во последните неколку години. Ете ни можност да покажеме дека тоа било само слаб ден и да им вратиме со добра игра и резултат по наша мера.

Австрија заврши втора во групата и освен првите два натпревари каде доживеа порази од Полска и Израел во сите останати беше скоро перфектна и покажа доста агресивен пристап кон играта и противникот. Селекторот Фода по пристигнувањето го промени стилот на игра и внесе друг менталитет отколку што тоа го правеа претходно Австријците. Тој дојде на местото селектор од клупата на Штурм и претходно добро ја знаеше австриската лига и нивниот пристап.

Ако земеме дека 6 играчи од првите 11 доагаат од Салцбург (или сега играат или играле таму и ја поминале нивната школа) тогаш нормално е што селекторот се одлучил за пристап и стил на игра ист како на Салцбург. Интензивен стил со притисок кон противникот или веднаш контра притисок кога ќе ја загубат топката од посед.

Речиси сите од првите водечки клубови во австриската Бундес – лига играат на сличен начин и селекторот само го копира тоа што играчите го играат во своите клубови односно дополнил и некои тактички свои замисли кои допринесуваат за резултатите што ги имаат денес.

Тој има три насоки: активен, офанзивен и интензивен фудбал. Тоа му го овозможуваат и играчите кои ги има на располагање.

Можеби Фода ги има на располагање најдобрите играчи на Австрија во последните 20 години но сепак ке треба нив да ги вкомпонира во еден систем и една целина. И друга многу важна работа е како ке ги прилагоди останатите играчи на нивните две најголеми звезди Алаба и Арнаутовиќ.

Улогата на Давид Алаба е многу важна за тимот.Најголема sвезда, штотуку нов член на Реал Мадрид и еден од најдобрите леви бекови и централни дефанзивци во светот. Неретко игра и на позицијата дефанзивен среден играч. Има многу коментари во австриската јавност дека тој подобро игра за Баерн Минхен отколку за репрезентацијата, но веројатно тоа е дека таму е опкружен со подобри играчи и за репрезентацијата играше претходно како играч за врска и не можеше да го искаже целиот свој потенцијал.

Во моментов Фода го вади најдоброто од него во формацијата 4-2-3-1 која и е негова омилена како левокрилен играч бидејќи е голем фан на левиот бек Улмер и тој сите натпревари ги игра како лев бек. Има два дефанзивни играчи за врска Баумгатнер и Лајмер со висока стапка на работа, Сабицер како плејмејкер и втор напаѓач е ислучително важен играч, а воедно и еден од најдобрите играчи на РБ Лајпциг, Лазаро на другата крилна поција и во шпицот на нападот Марко Арнаутовиќ или Саша Калајџиќ кои се исти тип на играчи.

Со тоа Фода има многу агресивен пресинг бидејќи двете крила по вокација му се и бекови и играат многу активна одбрана и заедно со двата средни играчи вршат неверојатен притисок на противникот. Левиот бек константно оди напред, обезбедува ширина и многу добро се надополнуваат со Алаба. Ова многу му користи на Алаба да има слобода во играта и да ги користи слободните простори и создава вишок по таа страна. Тоа е страната каде што нашата репрезентација ќе треба да внимава и да ги затвори нападите.

Реално нивниот втор ред играчи во блокот е најсилното нивно оружје при вршење на пресингот и реакцијата по одземена топка.

Втората нивна ѕвезда Арнаутовиќ е познат како генијален играч но воедно и играч со многу испади и луди моменти во кариерата. Во моментов како 30 – годишен играч веројатно е свесен дека ова е негова последна шанса да направи некој голем резултат со својата репрезентација. Селекторот Фода го користи повеке како централен напаѓач а не како претходиот селектор како крило бидејки како крило е многу неодговорен во дефанзивните задачи и секогаш кога играл како крило противникот им правел проблеми по таа страна. Тој и сега како централен напаѓач не игра многу во дефанзива но сега селекторот му дал задача само со поместување да ги затвора линиите на додавањето меѓу централните дефанзивци на противникот, а останатиот дел од дефанзивната работа да ја завршат петте играчи од средниот блок и затоа на крилните позиции ставил играчи кои имаат дефанзивни карактеристики. Со тоа останува свеж за напаѓачките задачи и тоа добро го извршува.

Негова замена, а во последно време и му го зема местото тимот, е Саша Калајџиќ кој е еден од најдобрите играчи на германската Бундес – лига и член на Штутгарт со 16 гола и 5 асистенции оваа сезона. По ова гледаме дека нападот им е посилната страна на екипата. Голема улога тука има Сабицер кој со својата дефанзивна работа ја надополнува мрзеливоста на Арнаутовиќ, а од друга страна многу добро соработуваат во фаза на напад бидејќи со своите движења се многу флексибилни. Арнаутовиќ многу често се извлекува на крило за да остави простор на Сабицер и на уште еден играч од средниот ред да влезат од втор план во 16 метри на противникот. Тоа е момент каде ќе треба нашите репрезентативци да внимаваат многу и да нема пад на концентрација.

Во дефанзивата селекторот често ги менува партнерите на Драговиќ во стоперскиот тандем и мислам дека тука е нашата шанса. На неколку натпревари кога Австријците имале за против игра систем 3-5-2 потешко се снаоѓаат во дефанзивните задачи и неретко го менувале и тие системот но моја претпоставка е дека ке играат во својот карактеристичен систем. Најголема слабост им е кога вршат пресинг со Арнаутовик во тимот е што може со еден пас помегу нивните линии дирекно да се дојде до нивната одбрана и тука имаат пропусти. Моја претпоставка е дека тука треба да ја искористиме силата на Адеми, генијалноста на Пандев и посебно полетноста на Елмас и со два или три паса да стигнеме директно пред нивниот последен блок потпомогнати од енергичниот и секогаш ангажиран Барди. Моја претпоставка е дека треба да ја искористиме можноста на Алиоски многу пати да се повторува во офанзива и по таа страна да ги градиме нападите, потпомогнат од Елмас и да удвојуваат на нивниот десен бек кој е можеби нивната најслаба страна и да ги користат слободните простори по оваа страна.

Треба да вниваме многу на Арнаутовиќ кога ние ке тргнеме во напад бидејки тој секогаш чека отпадок и невнимание. Моја претпоставка е дека селекторот треба да остави еден дефанзивен играч за врска секогаш да биде пред одбраната. Дали тоа ке биде Николов или Спировски за да ги ослободи од премногу дефанзивни задачи Барди и Адеми. Во нападот да бидат Елмас и Пандев бидеј Елмас има големи тркачки способности и може да помага и во средина и по страна во дефанзива. Треба да бидеме тврди во средина и да им парираме на Австријците. Да имаме поголем процент на одземени втори топки и мислам дека тоа ке биде клучот на успехот на овој натпревар.

Македонија има сила, има играчи кои играат големи натпревари во текот на првенството, играчи кои покажаа дека можат, дека го респектираат секој противник подеднакво но не го преценуваат и не му даваат премногу на важност. Покажаа силен гард, впечатлив став кон секого и тоа носи успех. Искуството од натпреварите во Премиер – лига на Англија, Италија, Шпанија и останатите го преточија во колективен успех на репрезентативно ниво.

Македонија треба внимателно да го отвори натпреварот, а потоа се ќе биде во игра па дури и позитивен резултат во наша корист.

Македонија може.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови