Connect with us

Жижовиќ: На Шкупи му посакувам титула, горд сум дека во мојот период бевме најуспешни во лигата

Босанскиот стратег Младен Жижовиќ замина од клупата на Шкупи, но, секако ќе ги задржи пријатните спомени од работата на Чаир и му посакува на клубот да ја освои шампионската титула оваа сезона. Тој деновиве беше во Скопје, за да ги формализира сите детали околу разделбата.

„Би сакал да се заблагодарам на сите со кои соработував во Шкупи, секако, посебна благодарност до навивачите кои ни ја даваа поддршката. Го оставив Шкупи на само бод негатива во однос на шампионот Струга Трим Лум и искрено посакувам мојот клуб да ја освои титулата оваа сезона. Со оглед дека е финиш на сезоната, речиси сум сигурен дека ќе решава последното коло, а би сакал трофејот да дојде на Чаир“, вели Младен Жижовиќ за Макфудбал.

Во периодот додека беше на кормилото на Шкупи, Жижовиќ имаше одличен ефект и само елиминацијата во полуфиналето на Купот е, можеби, неисполнета цел.

„Клубот долги години го нема освоено куп-трофејот, тоа на сите ни беше некако потакна желба, но, ете, не успеавме во двомечот со Тиквеш, бевме елиминирани на пенали. Верувам дека можеше и подобро, но во фудбалот сите планови не се остваруваат. Искрено, горд сум на мојата работа и остварените резултати како предводник на Шкупи. Во мојот период, додека бев на тренерската позиција, Шкупи беше најдобриот тим во лигата според резултатите, на 21 натпревар освоивме вкупно 45 бода, два повеќе од Струга ТЛ и шест повеќе од Шкендија. Имавме голема позитивна серија, откако го презедов тимот кога се наоѓаше на шестата позиција. Уште еднаш да повторам, искрено посакувам Шкупи да ја освои титулата, голем придонес ќе имаме и ние во таквиот успех, заедно со стручниот штаб и соработникот Перо Пејиќ“, анализира Младен Жижовиќ.

На крајот, босанскиот стратег даде и една генерална оценка на квалитетот на македонскиот фудбал и Првата фудбалска лига.

„Има квалитет во оваа македонска лига, тоа не е спорно, има и млади и талентирани фудбалери, има и добри странци кои настапуваат во дел од клубовите. Најголемиот проблем на Македонија искрено е инфраструктурата. Нема натпревари кои се играат на рефлектори, терените на кои се игра можат да бидат значително подобри. Клубовите би морале многу повеќе внимание да посветат и на своите фудбалски академии, од каде секако треба да излезат новите фудбалери. Генерално, јас сум задоволен од мојот престој тука и му посакувам сѐ најдобро на Шкупи, како и на сите мои пријатели кои ги стекнав во фудбалска Македонија“, заврши Младен Жижовиќ.

Нов тренер на Шкупи по заминувањето на Младен Жижовиќ е Ернест Ѓока, поранешниот предводник на Шкендија. Тој дебито на клупата ќе го има претстојниот викенд, кога Шкупи повторно за ривал го има Тиквеш.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови