Connect with us

(ИН)ДИРЕКТ: Селекторе, јас не сум среќен со ваква Македонија!

Мартовскиот циклус за некого ширум Европа донесе радост каква што ние почувствувавме во 2021 година, пласман на Европско првенство, нѐ потсети и нас на „славните“ и среќни денови, но исто така и не тресна од земја кога ќе погледнеме со широко отворени очи дека сега сме далеку од една таква еуфорија и репрезентативен капацитет.


Македонија овој март одигра два пријателски натпревари во Анталија, ремизираше (1-1) против Молдавија и загуби (0-1) од Црна Гора.

Највпечатлива беше изјавата на селекторот Благоја Милевски дадена по поразот од Црногорците. Милевски јасно потенцираше дека би бил среќен во иднина ако Македонија игра како на овие пријателски дуели во Анталија.

Во ред, селекторот одблиску ги гледа фудбалерите и смета дека ги исполниле најголем дел од зададените задачи. Тогаш, прашање е до каде сака да ја крене(ме) летвичката, а можеби и знае дека овој состав со кој располага во моментов, е далеку од конкурентен за нешто повеќе во европски рамки.

Селекторе, јас не сум среќен со ваква игра на Македонија. Видов, додуша преку ТВ екраните, дека не бевме доминантни ниту на двата дуели, дека имаме сериозни проблеми во организацијата на играта, дека се закануваме само со удари од далечина, дека немаше решение за десната бековска позиција, дека Езгјан Алиоски на левата е само бледа сенка од некогашниот играч на Лидс. Дека нема кој да ја земе топката од стоперите и да креира напад што ќе биде опасен по противничкиот гол, дека Бојан Миовски е отсечен во нападот иако постигна гол против Молдавците, а не сум сигурен и дали Милан Ристовски има капацитет за да биде стартер во нападот.

Знам и дека во 2021 што сакаме сите со радост да ја споменеме, го имавме Горан Пандев во тимот, дека ги имавме и Илија Несторовски и Александар Трајковски во еден сосема поинаков момент од кариерата, дека го имавме Стефан Ристовски како десен бек, а Алиоски „леташе“ по левата страна.

Тогаш и Елиф Елмас беше во полн налет, без да има турбуленции со минутажата во Наполи, а сега и во Лајпциг.

Да не заборавиме, дека го имавме и Аријан Адеми како фудбалер со сериозно искуство во средниот ред.

Единствен кој го има задржано нивото е голманот Столе Димитриевски. Тоа, секако не може да нѐ радува. Затоа и не сум среќен јас, а верувам и најголем дел од македонските фанови, но и сериозни познавачи на фудбалот, со сегашните игри на фудбалскиот национален тим.

И редно е нешто да се „помрдне“ од оваа точка.

Дополнителен проблем е што и во У21 нема некои „супер играчи“ кои би можеле така лесно, и безболно, да влезат и да донесат свежина во сениорскиот состав. Можеби Андреј Стојчевски и Иван Николов. Но, и тие имаат сѐ уште простор за докажување и за напредок пред себе.

Кога резултатите не се добри, први на удар се селекторите. Тие одговараат за резултатите, за игрите, за фудбалерите што ги повикуваат. Уште поголем проблем е ако не „гледаат“ дека со вакви игри и резултати, не може, не треба и не смее да бидеме среќни!

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови