Connect with us

Октај Дерелиоглу: Гостивар требаше да има и поголема предност на врвот

Гостивар е лидер на табелата во Втората лига и доколку успее да го победи Караорман в сабота, ќе ја освои есенската титула. Ќе биде тоа прв ваков успех во клупската историја и потврда дека со вистинска инвестиција и квалитетна работа, резултатите се неизбежни.


Навидум малиот тим од Гостивар, кој сепак има моќен спонзор од Турција, е на врвот пред македонските култни клубови Вардар и Пелистер. Во трката за врвот секако е и Воска.
Голем дел од заслугите одат и за тренерот Октај Дерелиоглу. Тој има зад себе фантастичен бекграунд, има играно во врвните турски клубови Бешикташ, Фенербахче, Трабзонспор, Истанбулспор, Нирнберг, Лас Палмас. Се сложи да го преземе тимот на Гостивар кога беше последнопласиран на табелата, а сега е пред промоција во есенски првак.

„Со работа се е возможно. Се разбира, спонзорот Енес Уста ми предложи одличен проект, да го преземе тимот на Гостивар и полека да го изградиме во тим за респект. Сега сме на прагот на промоција да бидеме есенски прваци, но никогаш нема ништо сигурно во фудбалот, се мора да се заслужи, а ние имаме голем респект за Караорман, како и за секој друг ривал во оваа конкуренција. Но, работиме по малку повисоки стандарди и нашата цел е јасна, да бидеме дел од Првата лига, а потоа и таму да имаме видна улога“, вели за Макфудбал, тренерот на Гостивар, Октај Дерелиоглу.

Задоволен е од првата позиција на тимот, но вели дека можеле да освојат и неколку бодови повеќе во однос на конкурентите.

„Имаме квалитетен тим, кој со напорна работа и без апсолутна помош од ниедна страна е на врвот на табелата. И ќе се потрудиме да останеме таму како есенски шампиони, но знаеме дека вистинската борба ќе следи напролет. Имаме респект за секого кој сака да се бори на чесен начин, но, за жал, сведоци сме и на некои други игри. На одредени мечеви, судиите директно влијаеја на нашиот резултат. Но, сепак, ние сакаме да гледаме само во нашиот тим и велиме дека можевме до победи и против Беласица, Детонит Плачковица и против Воска. Требаше да имаме поголема предност пред конкурентите, но фудбалот е таква игра и затоа е интересна“, истакнува тренерот на Гостивар.

В сабота Гостивар го пречекува Караорман и со победа ќе стане есенски првак.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови