Connect with us

Онана: Ми го украдоа животот и фудбалот цели девет месеци

Голманот на Ајакс, Андре Онана, во октомври минатата година случајно го зел лекот „ласимак“ кој е на листата на забранети лекови, а УЕФА драстично го казни.


Иако во Нион ја признаа грешката и се согласија дека Камерунецот тоа не го направил намерно, деветмесечната казна и нарушениот углед го погодија овој фантастичен голман кој тогаш беше во најдобриот период од кариерата.

Се жалеа Онана и Ајакс, тврдеа дека камерунскиот голман чија вредност се проценува на 36 милиони евра и кој се поврзуваше со најголемите клубови во Европа, по грешка земал лек кој бил наменет за неговата сопруга.

„Експлицитно се откажуваме од лековите за подобрување на перформансите и се залагаме за чист спорт. Андре е врвен голман, кој со години ја докажувал својата вредност за Ајакс. Се надевавме на условна казна или на помала казна бидејќи неговата намера не беше да го зајакне телото и на тој начин да се подобрат перформансите“, изјави тогашниот извршен директор Едвин ван дер Сар. Но, ништо не помогна.

„Јас сум човек кој беше не по своја вина дистанциран од семејството, пријателите и од фудбалот. Тоа беше тежок и мрачен период. Ќе им кажам на младите да внимаваат бидејќи ова може да се случи секому”, изјави Онана.

Навистина имаше проблеми да објасни дека не е виновен.

„Како да им објаснам на моите родители дека бев суспендиран поради недозволена супстанца без воопшто да запалам цигара или да пробам алкохол? Тоа беше грешка, УЕФА ја прифати, но тоа не ми помогна. Веќе ја одлежав казната. Не ми беше дозволено да правам многу. Бев девет месеци подалеку од се. Не можев да одам на ниту еден стадион, не можев да тренирам со ниту еден тренер на Ајакс, не ми дозволија ни да работам со професионални тренери, се чувствував како да ми го украдоа фудбалот. За среќа, во Шпанија можев да тренирам со приватни тренери“, вели Онана.

Тој во 2019 година беше на листата на кандидати за најдобар голман во светот, а откри дека би сакал да стане член на Барселона, да се врати на „Камп Ноу“ каде беше член на младинските селекции. Тој би можел да пристигне како слободен агент бидејќи неговиот договор со Ајакс истекува во јуни.


„Барселона е мојата прва опција. Тоа е мојот дом, таму пораснав и останав во добри односи со сите. Немам ништо договорено со Интер“, открива голманот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови