Connect with us

Досега за Македонија на ЕВРО воодушевија само навивачите и Столе Димитриевски

МАКФУДБАЛ на ЕВРО во Амстердам,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија е во Амстердам и се подготвува за третиот и последен натпревар на Европското првенство. Првите два меча во Букурешт ги одбележаа порази, но и фантастичната поддршка што ја доби националниот тим на натпреварите со Австрија (3-1) и со Украина (2-1). Преку 4.000 Македонци дојдоа во Романија да ги бодрат македонските репрезентативци на историските натпревари од ЕВРО.

Македонија во изминатиот период не беше научена на ваква конкуренција. Играше против селекции од калибарот на Гибралтар, Лихтенштајн, Белорусија, Грузија…На Европското првенство, сепак, треба сите кои ќе настапат да се надминат себеси за да се оствари позитивен резултат.

Покрај фановите кои беа постојано со македонските репрезентативци со неверојатната поддршка, им се заблагодарија за пласманот на Европското првенство, громогласно ја пееја химната на пред мечевите и навиваа во целиот тек од натпреварите, досега играчки на ЕВРО воодушеви само уште голманот Столе Димитриевски. Капитенот Горан Пандев исто така беше на своето ниво кое може да конкурира на европскиот фудбал, а сите останати не го подигнаа нивото на играта за да може Македонија да стигне до позитивен резултат.

Димитриевски бранеше фантастично и на двата натпревари, одбрани многу шутеви на противничките фудбалери, делуваше цврсто, стабилно и внесуваше сигурност во комплетната одбрана.

Дефанзивците сепак покажаа дека се ранливи во дуелите со квалитетните напаѓачи на Австрија и на Украина. Стефан Ристовски доби „прекоманда“ од селекторот Ангеловски како централен стопер и тоа е позиција која тој може само да ја одигра коректно. Од него таму не може репрезентацијата да го добие максималниот потенцијал. Дарко Велковски и Висар Муслиу можеа да бидат многу посигурни, се увиде дека им недостига сила, моќ, за да ги исфрлат од игра Арнаутовиќ, Јармоленко, Јаремчук.

Аријан Адеми, веројатно по барање на селекторот, го имавме многу повеќе во дефанзива, тоа функционираше добро само до 70.минута против Австрија, додека мал е придонесот во креативноста, заедно со Енис Барди и Елиф Елмас кои исто така можат многу повеќе.

Езгјан Алиоски не беше доволно искористен на левата страна, и тој задоцни при првиот гол на Австријците, не бевме доволно организирани ниту при прекините на играта со Украина.

Капитенот Горан Пандев внесе и тркачки квалитети, истрча речиси најмногу од целиот тим и на двата меча, а во второто полувреме против Украинците задоволи и Александар Трајковски. Затоа пак не беше на потребното ниво против Австрија.

Ростерот на Македонија е многу „тесен“, има премногу фудбалери во репрезентацијата за кои селекторот Игор Ангеловски не смее да се осмели да им даде шанса на вакви големи европски натпревари. Практично, досега двата натпревари Македонија ги одигра со 13 фудбалери. На располагање има 26.

Селекторот исто така се „загуби“ со замените и на двата меча, а почетните формации беа со импровизации – Стефан Ристовски на стопер и Бобан Николов на десен бек.

Останува третиот натпревар против Холандија утре на „Јохан Кројф арена“, за жал, сега и навивачите ќе ги нема на трибините, поради забраната за влез поради пандемијата на коронавирусот, а ќе треба многу повеќе соиграчи да му се придружат на Столе Димитриевски со перфектно одигран меч доколку Македонија сака да се надева на позитивен резултат.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови