Connect with us

ФФМ: Лекарите борци против Covid-19 први ќе добијат билети за ЕП 2021

На денешната седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија беа потврдени одлуките на Комитетот за итност, донесена одлука за зголемување на договорите на лекарскиот персонал во националните тимови и прифатена иницијатива на претседателот на ФФМ и членовите на Управниот одбор за распределба на билетите за натпреварите на македонската репрезентација на Европското првенство следната година. 

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, ја пренесе пораката од ФФМ до лекарите и медицинските лица кои ќе добијат приоритет за купување на влезници за ЕВРО 2021.

Драги пријатели и поддржувачи на македонската репрезентација, 

Би сакал заедно со Вас да споделам една благодарна иницијатива која заедно со Управниот одбор на федерацијата ја преточивме во одлука, а се однесува на распределбата на влезниците за Европското првенство кое ќе се одржи во јуни 2021 година.

Иако во моментот се уште нема конечна одлука од УЕФА за бројот на влезниците за натпреварите од ЕУРО 2020 бидејќи здравствената ситуација може да наложи и да нема присуство на гледачи на стадионите (најнепосакувано сценарио за сите нас), сепак има надеж дека публика ќе има и секоја федерација ќе добие дел од влезниците за натпреварите на Европското првенство.

Затоа одлучивме како награда, доколку ситуацијата со пандемијата се стави под контрола, како резултат за натчовечките напори и заложби кои секојдненво ги прават за заштита на нашето здравје во изминатиот период, а очигледно и во периодот што следува, приоритет за добивање на билети за следење на настапите на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство да имаат сите медицински лица кои се во првите редови во борбата против Ковид – 19 (доктори, сестри, технички персонал). 

Јасно ми е дека ова е премалку, но чуствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и повеќемесечниот труд што го вложуваат за да не заштитат сите нас. 

Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности.

Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година нашите медицински лица би ги замениле маските и скафандерите со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите ќе ги постигнат на Европското првенство.

Останете во добро здравје, чувајте се и бидете солидарни и со другите околу вас. 

Заеднички и во одлично расположение да го дочекаме Европското првенство и да се радуваме заедно со нашите момци“, вели во излагањето Муамед Сејдини.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови