Connect with us

Шкендија минимално го победи Работнички

Шкендија оствари тесна победа од 1-0 совладувајќи го Работнички на домашен терен во Тетово, во последниот меч од 15. коло во Првата лига. Екипата на Јетон Беќири конечно се врати на победнички пат, додека Работнички ја продолжи црната серија на порази.

Тетовци рано ја отворија средбата. Во петтата минута Трумчи испрати прецизен центаршут од десната страна, а Фабрис Тамба од тешка позиција, откосо упати силен удар и ја затресе мрежата на гостите.

Во 25. минута Шкендија можеше да ја зголеми разликата. Бесарт Ибраими го заобиколи голманот Васко Василев, но Мециновиќ успеа да расчисти од самата гол-линија.

Гостите возвратија со опасност во 40. минута, кога Демир Имери биеше од десно, но голманот Гаје реагираше перфектно и ја одби топката во корнер.

Шкендија замина на одмор со минимална предност.

Во вториот дел, темпото на домаќините значително опадна, па Работнички ја презеде иницијативата во обид да дојде до израмнување.

Во 65. минута Кадриу опасно шутираше по еден контранапад, но Гаје повторно го спаси својот тим. Имери потоа се обиде од слободен удар, но ја погоди живата ограда.

Во финишот од натпреварот, во 87. минута, Кадриу постигна гол, но истиот беше поништен поради офсајд на Далеј во подготовката на акцијата.

До самиот крај, Шкендија успеа да го зачува водството и да освои драгоцени три поени.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови