Connect with us

Изгубија 10-0 од Австрија, ама сѐ уште имаат теоретски шанси за пласман на СП 2026

Репрезентацијата на Сан Марино доживеа тежок пораз синоќа, губејќи со убедливи 10-0 на гостувањето кај Австрија во натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство 2026. Овој резултат уште еднаш потврди зошто Сан Марино е последна на ФИФА ранг-листата, на 210. место, и важи за најслабата репрезентација во светот.

Во досегашниот тек на квалификациите, Сан Марино е и најслабата европска селекција, со шест порази од шест натпревари, гол-разлика 1-28 и без ниту еден освоен бод. Сепак, и покрај ваквите резултати, оваа малечка држава сè уште има теоретски шанси за пласман на Светското првенство 2026.

Причината е проширениот формат – Европа за првпат ќе има 16 места на Мундијалот. Директен пласман ќе обезбедат 12-те победници во групите, додека останатите четири места ќе се пополнат преку дополнителни мини-турнири (плејоф).

Во тие плејоф натпревари ќе учествуваат 12-те второпласирани селекции од квалификациите, заедно со четири најдоброрангирани репрезентации од Лигата на нациите.

Токму преку тој последен критериум, Сан Марино сè уште има надеж, бидејќи во последното издание на Лигата на нациите заврши како прва во својот Д-сегмент. Така, и покрај катастрофалните резултати, оваа репрезентација би можела на сензационален начин да се најде во баражот за СП 2026 — нешто што би било историски успех за најмалата фудбалска нација во Европа.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови