Connect with us

Канаваро промовиран како нов селектор на Узбекистан

Фабио Канаварo официјално е претставен како нов селектор на репрезентацијата на Узбекистан, откако федерацијата го потврди потпишувањето на договорот и објави дека италијанската легенда ќе ја предводи националната селекција пред нејзиниот дебитантски настап на Светското првенство во 2026 година.

Канаваро изминатиот викенд пристигна во Ташкент, каде што ги заврши последните формалности. Неговиот последен ангажман беше во Динамо Загреб, од каде си замина во април оваа година. Сега ја презема селекцијата која избори пласман на Мундијалот под водство на привремениот тренер Тимур Кападзе, по повлекувањето на Сречко Катанец поради здравствени причини.

Федерацијата на Узбекистан објави и детали за неговиот стручен штаб. Канаваро ќе има италијански помошници, меѓу кои асистентот Еугенио Албарела, тренерот на голмани Антонио Чименти и кондицискиот тренер Франческо Троизе. Албарела и Троизе работеа со него и во Динамо.

Планот е Канаваро веќе во октомврискиот ФИФА-прозорец да ја предводи репрезентацијата на пријателските натпревари против Кувајт (9 октомври) и против Уругвај (13 октомври), што ќе биде негова прва можност за директна проценка на играчите и поставување на сопствениот стил на игра пред 2026 година.

Узбекистан веќе обезбеди учество на Светското првенство 2026, што ќе биде негов прв настап на еден Мундијал.

Тренерската кариера на Канаваро е разновидна и силно поврзана со азискиот фудбал – ја водеше кинеската Гвангжу Евергранде во два мандата, кратко ја предводеше и кинеската репрезентација, а беше и тренер на Ал-Наср и Тијанџин.

Во Европа има кратки епизоди во Беневенто и Удинезе, како и турбулентен престој во Динамо минатата сезона, каде во 14 натпревари оствари седум победи, две ремија и пет порази, пред да биде отпуштен во април.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови