Connect with us

Спалети пред отказ по дебаклот против Норвешка

Италијанската фудбалска репрезентација започна катастрофално во квалификациите за Светското првенство 2026, откако доживеа неочекуван и тежок пораз од 3-0 на гостувањето кај Норвешка во Осло. „Аѕурите“ беа разбиени уште во првото полувреме, кога примија три гола, а селекторот Лучијано Спалети по натпреварот не ја криеше својата разочараност – дури и навести дека неговата позиција е доведена во прашање.

„Сето ова може да се објасни со начинот на кој се развиваше натпреварот. Примивме гол кој можевме да го спречиме, а потоа тие одлично ги искористија празните простори и нè казнија со индивидуални потези“, изјави Спалети на прес-конференцијата.

Првото полувреме беше вистински кошмар за Италија – Сјорлот, Нуса и Халанд беа прецизни и донесоа висока предност за Норвежаните од 3-0.


„После 2-0 беше уште потешко – тие се повлекоа длабоко, а ние не успеавме да најдеме решение. Немаме доволно играчи кои можат да добијат дуели еден на еден – тука се виде разликата“, додаде селекторот.

Италија не учествуваше на последните две светски првенства, а лошиот старт на новите квалификации повторно отвора големи дилеми. Спалети призна дека не ја исклучува можноста да биде разрешен.

„Јас сум одговорен, јас ја составив оваа селекција. Верувам во овие играчи, но ако недостига самодоверба, ако примаме лесни голови и не покажуваме карактер – тогаш нешто мора да се смени“, рече тој.

Во наредните денови, Спалети ќе разговара со претседателот на Фудбалската федерација на Италија, Габриеле Гравина, за својата иднина.


„Свесен сум за тежината на одговорноста. Она што се гледа на теренот е одраз и на мојата работа. Ќе разговараме и ќе донесеме одлука“, изјави селекторот.

На крајот, Спалети призна дека Италија не изгледала како тим што заслужува да носи титула четирикратен светски шампион.


„По ваков настап, неминовно е да постои загриженост. Не можеме да се лажеме – мора да се соочиме со проблемите. Друг пат нема“, заклучи тој.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови