
Силекс оствари пирова победа над црногорскиот претставник Дечиќ со 2-1 на теренот „Петар Милошевски“. Поради поразот од 2-0 на првиот дуел во Тузи, кратовскиот прволигаш сепак го заврши патот во Европа уште во првото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.
Натпреварот почна со ладен туш – уште во третата минута гостите поведоа. Вук Стриковиќ шутираше откосо, а голманот Љупче Џеков направи кобна грешка – ја испушти топката и таа заврши зад неговиот грб за 0-1.
Сепак, Џеков се искупи неколку минути подоцна со брилијантна интервенција повторно на Стриковиќ. Тоа беше моментот што ги разбуди кратовчани. Започнаа со посигурна игра, со неколку закани од Ефтимов и Донов, а израмнувањето стигна во 28. минута.
Ади Алиќ беше на вистинското место во вистинско време – по одбиена топка од гредата, тој ја смести во мрежата за 1-1.
Во продолжение следеше вистинска офанзива на домашните. Имаше и контроверзен момент – по грешка на голманот Никиќ, Говедарица ја испрати топката во мрежата, но судијата досуди фаул врз Бајовиќ и го поништи погодокот, на незадоволство на домашните фанови.
Во второто полувреме Силекс тргна на сѐ или ништо. Уште во воведните минути имаа две шанси, а најблиску до погодок беше Илија Донов, кој во 61. минута погоди пречка од слободен удар. Се закануваше и Дарко Додев, но неговиот обид заврши во блокот. Притисокот конечно даде ефект во 80. минута. По центаршутот на Додев, Алдин Хрвановиќ ја втурна топката во мрежата за 2-1.
Силекс до последната секунда бркаше чудо – Говедарица двапати се закани, а Хрвановиќ во финишот шутираше преку голот. Но, и покрај тоталната офанзива, Дечиќ одолеа и се пласиора во второто коло од Конференциската лига.
Силекс може да жали – победи, доминираше, но плати премногу за поразот во Тузи. Европската авантура на кратовци заврши пред и вистински да започне.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА СЕЗОНАТА ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија ја освои шампионската титула во Првата лига, а излез во Европа и настап...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА: Бесарт Ибраими (Шкендија)
Тој е човек – титула. Каде игра Бесарт, тимот ја освојува шампионската круна. Така...
Автор makfudbal