Connect with us

Руни: По доаѓањето на Рубен Аморим, Манчестер Јунајтед е уште послаб

Според поранешниот капитен и рекордер по голови на Манчестер јунајтед, Вејн Руни, тимот е уште послаб под водство на Рубен Аморим во споредба со играта за време на мандатот на Ерик тен Хаг.

Португалецот ја презеде клупата на „црвените ѓаволи“ на 1 ноември минатата година, заменувајќи го отпуштениот Холанѓанец. Но, повеќе од десет месеци подоцна, Руни смета дека нема никакви знаци за напредок во играта на тимот.

Манчестер јунајтед доживеа нов тежок пораз од градскиот ривал Манчестер сити (0-3), а многу навивачи го напуштија стадионот далеку пред последниот свиреж.

„Сакам да бидам што е можно попозитивен кон менаџерот и играчите, но многу е тешко да кажам дека гледаме напредок. Не гледаме ништо такво и тоа е разочарувачки. На крајот од натпреварот видов како навивачите си заминуваат од стадионот“, изјави Руни.

Иако дел од трибините скандираа во поддршка на Аморим, Руни е убеден дека напуштањето на гледачите е јасен знак на незадоволство.


„Тешко е да се замисли како ова ќе продолжи. Кои се тактичките решенија? Што гледаме што може да го подобри тимот во иднина?“, праша тој.

Јунајтед минатата сезона заврши на 15. место со 42 бода – нивен најслаб пласман од сезоната 1989/90 и најслаб бодовен ефект од последното испаѓање во 1973/74.

Откако пристигна Аморим, клубот потроши околу 250 милиони фунти за засилувања и се ослободи од голем дел од непотребните играчи. Тоа му овозможи на 40-годишниот тренер да ја спроведе својата формација 3-4-3, на која останува доследен уште од успехот со Спортинг Лисабон.
Но, многу од проблемите од минатата сезона повторно се враќаат.

„Откако дојде Аморим, слушавме дека сè ќе се промени. Но ако менаџерот е искрен со себе, мислам дека работите се влошија“, заклучи Руни.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови