Connect with us

Реал Мадрид во (не)возможна мисија: „Кралевите“ тргнуваат по Ерлинг Халанд

Ерлинг Халанд повторно се поврзува со Реал Мадрид. Напаѓачот на Манчестер Сити е една од главните цели на Флорентино Перез, но неговиот трансфер не би бил нималку лесен за реализација. Норвешкиот напаѓач има договор со Манчестер Сити до јуни 2034 година, но во Англија тврдат дека европскиот гигант тајно преговара со него.

Проблемот е што Норвежанецот има важечки договор со англискиот клуб до 2034 година, па Реал Мадрид би морал да издвои огромна сума пари за да го доведе во своите редови.

Сепак, во последните неколку денови повторно се појавија шпекулации за можен трансфер на одличниот напаѓач во Реал Мадрид. Поранешниот извршен директор на Астон Вила, Кит Вајнс, откри шокантна вест во подкастот Inside Track на Football Insider.

„Кружат гласини дека Реал Мадрид разговара со неговиот агент, а засега само прашуваат: ‘Доколку дадеме понуда, мислите ли дека би бил заинтересиран?’ И тоа не е неразумно… и покрај неговиот долгогодишен договор, можно е да се постигне договор“, изјави Вајнс.

Тој објасни дека за доаѓањето на Халанд во Реал Мадрид клучно ќе биде што ќе се случи со иднината на Винисиус Жуниор.

„Многу се зборува дека Винисиус ќе го напушти Реал Мадрид и ќе замине во Саудиска Арабија. Гласините за понуда од 200 милиони фунти за Бразилецот би можеле да бидат фактор што би му овозможил на Реал да се обиде да го донесе Халанд“, рече тој.

Вајнс исто така изјави дека напаѓачот би можел да го напушти Манчестер Сити на крајот од сезоната.


„Постигна многу голови за Сити и можеби е време да направи нов чекор. Можно е да сака да премине во Реал Мадрид на четири или пет години“, изјави тој.

„Би рекол дека тоа сè уште е малку веројатно, но мислам дека има повеќе од обична шпекулација – има и зрно вистина во тоа. Ако самиот Халанд верува дека ја завршил својата мисија во Сити и смета дека е време да премине во Реал Мадрид, тогаш договорот е сосема можен“, нагласи тој.

Навивачите на Реал се во вистинска екстаза – веруваат дека овој трансфер е возможен и сонуваат да го видат дуото Мбапе – Халанд во блиска иднина.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови