Секој љубител на фудбалот во Македонија сигурно го засегнуваат последните случувања, би го рекол конфликт на релација Репрезентација – Федерација. Во насока на смирување на страстите, а за доброто на македонскиот фудбал, мислам дека мора да се седне на маса и да се разговара.
Иницијативата треба да тргне од селекторот Игор Ангеловски и од капитенот Горан Пандев. И двајцата знаат дека ова го говорам само за напредок на македонскиот фудбал, знаат дека многу ги почитувам, со селекторот имам одлична комуникација, а за Горан Пандев отсекогаш сум имал огромен респект не само како фудбалер, туку и како некој што вложува во македонскиот фудбал.
Пандев е носител на репрезентацијата цели две децении, неговиот збор има огромна тежина, но јавно би го прашал дали е сигурен дека сите фудбалери се сложуваат со одбивањето на премијата. Не треба да се носат одлуки кои можат да ги разделат репрезентативците.
Со ова ниту на крај памет не ми паѓа да ја бранам работата на ФФМ, на нив им останува после Изборното собрание, да се зафатат со работа и да направат радикални чекори за напредок. Приоритет треба да биде намалување на бројот на делегатите во Собранието, да бидат најмногу 45 и да има претставници на клубовите.
Приоритет да биде изнаоѓање на нов спонзор на Лигата кој би гарантирал влез од 1,5 милиони евра за прволигашите. Државата да најде заеднички јазик со обложувалниците и оттаму да дојдат уште 1,5 милиони евра како финансиска инјекција, а ФФМ да обезбеди свои 2 милиони евра за развој на фудбалот, со што што ќе се собере една вкупна сума за навистина македонскиот фудбал да живне.
Лигата да се намали на 10 или на 8 клуба, секој клуб да гарантира со 500.000 евра пред почетокот на првенството и сите вработени, од фудбалери, до економи и хигиеничарки во клубовите да ја земаат платата од гарантираната сума во банка, а не директно од клубот.
И на крајот, повторно да се вратам на репрезентацијата. Во овој важен момент, кога не очекува настап на Европско првенство, фудбалот е слика на државата. Сите чинители треба тоа да го сфатат. Најголема човечка доблест е да се покаже разум, а кога се работи за репрезентацијата на Македонија треба да се тргнат суетите на страна.
Ќе биде огромна штета, ќе потенцирам, огромна штета, доколку фудбалскиот потенцијал што го има оваа репрезентација на Македонија биде фрлен во вода заради суети. Фудбалерите покажаа дека можат да се носат со Романија, во поголем дел од мечот да бидат и подобри од второрангираната репрезентација во нашата група во квалификациите за Светското првенство во Катар.
Ова мое обраќање е искрено, чувствував некој внатрешен немир по се што се случува во изминатиов период и едноставно морав да го кажам. Ме мотивираше и искрениот коментар на новинарот Никола Ѓуровски. И потенцирам уште еднаш, само во насока македонскиот фудбал да оди напред. Мислам дека сите треба тоа да го сакаме.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski