Connect with us

Милевски и Барди: Нема предвреме добиен меч, но Македонија оди на победа против Лихтенштајн

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски инсистира дека националниот тим мора да ги освои трите бода на утрешниот меч против Лихтенштајн. Предводникот на Македонија потенцира дека фаворит има само на хартија и затоа никогаш не треба да се потцени противникот.

„Секако дека според ранкингот Македонија е фаворит против Лихтенштајн, но имаме максимален респект кон противникот. Ние сме подготовени да го дадеме максимумот да ги освоиме трите бода кои се најважни во моментов. Фаворити на теренот има само на хартија, а на теренот треба да се потврди тоа. Додека сум предводник на оваа репрезентација, никогаш нема да потценам ниеден ривал. Лихтенштајн има свои амбиции и ние максимално работиме и се подготовуваме. Мечот против Саудиска Арабија беше само подготовка за ова што следува против Лихтенштајн“, рече Милевски на прес конференцијата.

Сите фудбалери се здрави и подготовени. единствено во составот ќе го нема Висар Муслиу кој е суспендиран поради парни жолти картони.

Капитенот Енис Барди повикува на претпазливост пред утрешниот меч против Лихтенштајн во квалификациите за СП 2026. Барди потенцира дека ако решиме да го потцениме ривалот, тоа може како бумеранг со лошо да ни се врати.

„Ќе биде тежок меч. И во вадуз беше тешко додека не го постигнавме првиот гол. Направивме анализи да ги корегираме оние работи кои може да се поправат. Наша цел е да се освојат трите бода и да останеме на првото место во групата. Никогаш нема предвреме добиен меч, затоа никого не смееме да потцениме затоа што тоа може да се врати со лошо“, вели Барди.

Барди потенцира дека најважно е да се освојат трите бода.

„Секој меч е поинаков, но без разлика кој е противникот, секогаш кога играме во дресот на Македонија, императив е освојување на три бода. Сега мора да бркаме победа против Лихтенштајн, а дури потоа ќе мислиме за Белгија и за следните мечеви“, потенцираше Барди на прес конференцијата.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови