Connect with us

Матс Хумелс ќе стави крај на кариерата по завршувањето на оваа сезона

Дефанзивецот на Рома, Матс Хумелс, официјално објави дека ќе се повлече од фудбалот на крајот од оваа сезона. Германскиот стопер, кој во 2014 година стана светски шампион со својата репрезентација, го соопшти своето решение преку емотивно видео на социјалните мрежи.

„Моментно се борам со емоциите. Ова е момент што ниту еден фудбалер не може да го избегне. По повеќе од 18 години и толку многу моменти што ми ги даде фудбалот, ова лето ставам крај на кариерата“, изјави Хумелс.

Хумелс својата кариера ја започна во Баерн Минхен, но вистинска легенда стана во Борусија Дортмунд, каде играше од 2008 до 2016 година и запиша 508 настапи, постигнувајќи 38 гола. Во 2016 година се врати во Баерн Минхен, а потоа повторно облече „жолто-црн“ дрес во 2019 година. Минатото лето ја напушти Борусија и потпиша со Рома.

Со Баерн и Дортмунд освои вкупно пет титули во Бундес-лигата, три со баварците и две со Дортмунд. Исто така, трипати ја подигна Купата на Германија (двапати со Баерн, еднаш со Борусија) и шестпати го освои Суперкупот на Германија. Двапати стигна до финале во Лигата на шампионите, но не успеа да ја освои титулата.

Во дресот на Германија одигра 78 натпревари и постигна 5 гола, а освен титулата светски првак во 2014, во 2009 ја освои Европската титула за млади репрезентации.

По најавата за пензионирање, Борусија Дортмунд му оддаде почит на својот поранешен капитен.

„Еден од најголемите играчи во историјата на Борусија, Бундес-лигата и светскиот фудбал. Ти благодариме за сè, Матс – постигна толку многу! Честитки за фантастичната кариера! Жолто-црн засекогаш“, стои во пораката на клубот од Дортмунд.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови