Connect with us

МАКФУДБАЛ – ТИМ НА МЕСЕЦОТ ВО ПРВАТА ЛИГА!

Шкендија и Шкупи се на врвот, но Македонија Ѓорче Петров е најпријатното изненадување во досегашниот тек од шампионатот. Тимот на тренерот Жикица Тасевски е на третата позиција и му дише во врат на водечкиот двоец.

Изминатиот викенд немаше фудбал во Македонија, но МАКФУДБАЛ го избра најдобриот тим за октомври. Во него, по тројца фудбалери од Шкендија и Македонија ЃП, двајца од Шкупи и по еден претставник од Работнички, Струга Трим Лум и од Вардар. 

1. РИСТЕ ЈАНКОВ (РАБОТНИЧКИ)
Членот на младата фудбалска репрезентација на Македонија брани одлично на голот на Работнички. Двапати беше избран во тимот на колото изминатиот месец, со неговите одлични интервенции ги држи „романтичарите“на позитивен колосек. 

2. ТОМЕ КИТАНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Искусен, квалитетен, двои со игрите на прволигашката сцена. Во него тренерот Жикица Тасевски доби голем адут во составот на Македонија ЃП. Десната странична позиција е силен сегмент во играта на „лавовите“ токму поради Томе Китановски.

3. ЕСМИН ЛИЧИНА (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Прераснува во врвен одбранбен фудбалер, има лидерски способности да командува со дефанзивниот ред на ѓорчепетровци. Одличен и во воздушните дуели. 

4. БЕСАРТ КРИВАЊЕВА (ШКУПИ)
На последните три првенствени меча Шкупи нема примено ниеден гол. Голема заслуга за тоа има и Бесарт Кривањева кој функционира беспрекорно пред голманот Кристијан Наумовски. 

5. ДАРКО МИЦЕВСКИ (ВАРДАР)
Вардар оваа сезона не е на најдобрите патеки, а ако има човек кој задоволува со своите игри и е пример за останатите, тоа е капитенот Дарко Мицевски. Креатор на играта, дели асистенции, погодува, но потребна му е и поголема поддршка од соиграчите.

6. ВАЛОН АХМЕДИ (ШКЕНДИЈА)
Доби шанса да биде главен креатор на играта на Шкендија заедно со Тотре и ја користи на најдобар начин, покажувајќи дека поседува несомнен квалитет. Одличен асистент, неверојатен преглед на играта, дури и реализатор. 

7. ЉУПЧО ДОРИЕВ (ШКЕНДИЈА)
Кога Дориев ќе тргне „еден на еден“ по крилните позиции, нема дефанзивец во лигата што може да го сопре. Покажува на секој натпревар дека е најдобрата инвестиција на Шкендија за оваа сезона.

8. НИЈАС ЛЕНА (СТРУГА ТРИМ ЛУМ)
Искусен, фантастично технички поткован, динамичен, борбен, со лидерски способности. Нијас Лена со игрите и со головите ја носи Струга Трим Лум кон успеси од коло во коло. 

9. АРДИ ВОША (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Посебно е убаво кога ќе блесне млад фудбалер на прволигашката сцена. Тој е најпријатното изненадување, неговиот талент е неспорен и затоа дел од младинските репрезентативни селекции, но сега прераснува и во сериозен прволигашки адут на Македонија ЃП. 

10. БЕСАРТ ИБРАИМИ (ШКЕНДИЈА)
Класата е вечна, а Бесарт е класа и поголема од македонската прволигашка сцена. Неговото присуство на теренот им прави неред на противничките дефанзивци, колку и да внимаваат на него, тој ќе најде начин да ја затресе мрежата. 

11. ДЕМБО ДАРБО (ШКУПИ)
Брз, робусен, незадржлив. Дембо Дарбо го носи тимот на Шкупи на свои плеќи, расен стрелец, одлично решение на тимот од Чаир за напаѓачката позиција.  Со головите си го заслужи местото во најдобриот тим за октомври.

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ЖИКИЦА ТАСЕВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Кој можеше да претпостави, освен оние кои се дел од тимот од Ѓорче Петров, дека Македонија ЃП ќе котира вака високо на табелата, ќе освои 16 бода и ќе биде при самиот врв. Резултатите ги чуваат тренерите, а овојпат тие се силен адут на Жикица Тасевски. „Лавовите“ имаат игра, а најверојато и цел да излезат во Европа оваа сезона.                       

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови