Шкендија е веќе на добар пат да ја одбрани шампионската титула, откако по 27. коло веќе е со 12 бода предност во однос на второпласираниот Вардар. Шкендија победи против Ренова во ова коло, искористувајќи го ремито меѓу Вардар и Академија Пандев во Скопје. Во мечот значаен за опстанок, Силекс триумфираше на гостувањето против Беласица во Струмица со 0-1.
МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 27. коло во Првата лига.
1. ДУШАН ЧУБРАКОВИЌ (АК. ПАНДЕВ)
Одличен на голот на Академија Пандев. Еден од најзаслужните во таборот на струмичани за ремито, спречувајќи погодок на вардарци во неколку наврати при водство од 1-0 на домашните.
2. ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (ШКЕНДИЈА)
Уште една одлична партија на македонскиот репрезентативец. Натпревар заокружен и со нов погодок на Бејтулаи во триумфот против Ренова.
3. НЕХАР САДИКИ (РЕНОВА)
Позитивно издание на Садики во дерби пресметката против Шкендија. Постигна и ефектен гол за израмнување кој донесе надеж за „гипсарите“, но на крајот не и позитивен резултат.
4. ХРИСТИЈАН ГРОЗДАНОСКИ (СИЛЕКС)
Повторно еден од најсигурните во одбраната на кратовци која остана без примен погодок на гостувањето во Струмица. Цврст, стабилен во комбинација со соиграчите од дефанзивата не дозволувајќи преголем простор за игра на противничките фудбалери.
5. ГЛЕДИ МИЦИ (ШКЕНДИЈА)
Стандардно еден од најактивните во играта на Шкендија. Покрај дефанзивата, повторно максимално вклучен и во офанзивните акции на тетовци учествувајќи и во акцијата за победничкиот гол.
6. ЉУПЧЕ ДОРИЕВ (АК. ПАНДЕВ)
Уште еднаш пролетва стрелец за својот тим. Овој пат постигна убав гол во финишот од средбата за реми на Академија Пандев на дербито против Вардар.
7. ОЛИВЕР ПЕЕВ (РАБОТНИЧКИ)
Еден од најдобрите на дуелот во Чаир. Одигра одлично во средниот ред во второто полувреме кога и се „крчкаше“ победата на Работнички. Стрелец и на израмнувачкиот погодок за „романтичарите“.
8. РОБСОН ДА СИЛВА (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Без сомнение еден од најдобрите во таборот на „лавовите“. Добрата партија ја заокружи и со извонреден еврогол со шут од околу 20 метри.
9. ДАРКО ДОДЕВ (СИЛЕКС)
Творец на победата на Силекс на гостувањето против Беласица. Одличната акција во вториот гол ја круниса за победнички гол за повеќе од значајни три бода.
10. БАЖЕ ИЛИЈОСКИ (РАБОТНИЧКИ)
Одличен во нападот на Работнички во моментите кога се кршеше резултатот. Го постигна победничкиот гол за повеќе од значајна победа за „романтичарите“ на гостински терен против Шкупи.
11. МАРЈАН РАДЕСКИ (ШКЕНДИЈА)
На најдобар можен начин се враќа по деветмесечната пауза поради повреда. Веќе во првиот натпревар по паузата како стартер и донесе победа за својот тим. Постигна убав гол за триумф на Шкендија кој веќе извесно го отвора патот кон новата шампионска титула.
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: БАЖЕ ЛАЗАРЕВСКИ (РАБОТНИЧКИ)
Работнички дојде до значаен триумф за враќање во трката за европски излез. Победата против директниот конкурент Шкупи е повеќе од важна за „романтичарите“. Лазаревски стигна до првата победа по назначувањето на клупата на тимот од Дебар маало, која носи дополнителен мотив за целиот тим за продолжението од првенството.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski