Connect with us

МАКФУДБАЛ – Тим на 24. коло!

Шкендија и натаму ја чува предноста на врвот од табелата по победата на гостувањето против Силекс во Кратово. Вардар ја доби градската пресметка со Работнички од големо значење во битката за европскиот излез, а најголемото изненадување на колото го приреди Македонија ЃП која славеше на гостувањето во Чаир против фаворизираниот Шкупи. 

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим за 24. коло. Овој пат од одиграните четири натпревари со оглед на тоа што натпреварот од ова коло меѓу Победа и Академија Пандев ќе се игра на 1. мај.

1. МАРКО ЈОВАНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Одлична партија на Марко Јовановски на голот на „лавовите“. Без сомнение најзаслужниот што Македонија ЃП остана без примен гол на дуелот против Шкупи во Чаир, и секако еден од најзаслужните за трите бода.

2. МЕВЉАН МУРАТИ (ШКЕНДИЈА)

Повеќе од квалитетна игра на десниот бек на тетовци. Сигурен во одбраната, но и активен во офанзивата. Тотална контрола на играта како постојана поддршка за фудбалерите од средниот ред.

3. КОСТА МАНЕВ (ВАРДАР)

Една од најсигурните партии на Манев за Вардар оваа пролет. Главно непогрешлив во одбраната, цврст и прецизен иако, очекувано, дефанзивата на црвено-црните во одредени моменти од дерби дуел против Работнички знаеше и да биде деконцентрирана.

4. ВИСАР МУСЛИУ (ШКЕНДИЈА)

Повторно квалитетна партија на репрезентативецот. Покрај дефанзивата, секогаш опасен од прекините и по противничкиот гол. Така беше и во финишот кога успеа да се запише и во листата на стрелците во триумфот од 3-0 против Силекс.

5. ЏЕЛИЛ АБДУЛА (РЕНОВА)

Квалитетен меч за Абдула кој има значајна улога во дефанзивата за својот тим оваа пролет. Но, секогаш активен и околу офанзивните задачи.

6. МУХАМЕД УСЕНИ (РЕНОВА)

„Моторот“ во играта на „гипсарите“. Во триумфот против Беласица од 3-2 постигна и вистински еврогол со шут од околу 25 метри директно од слободен удар.

7. БОБИ БОЖИНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Нова капитенска игра на Божиновски. Сега и творец на победата на Македонија ЃП против Шкупи со феноменалниот гол во финишот, доволен за три бода.

8. ХУАН ФЕЛИПЕ (ВАРДАР)

Најдобриот вардаров фудбалер во градската пресметка против Работнички. Уште еднаш демонстрираше колку е значаен за играта на Вардар, постигнувајќи и убав погодок за запечатување на триумфот.

9. МАТЕЈ ЦВЕТАНОВСКИ (ВАРДАР)

Офанзивецот на црвено-црните повеќе од сигурен на „Филип Втори“. Контрола во средниот ред, прецизност и реализација веднаш на почетокот од мечот со која ја најави победата на „вардарци“.

10. АГИМ ИБРАИМИ (ШКЕНДИЈА)

Најдобриот на терен во победата на Шкендија против Силекс. Творец на двата први гола за тетовци, првиот по неговиот шут заврши со автогол на Миленковски, а потоа и директно реализираше.

11. БОЈАН МИОВСКИ (РЕНОВА)

Младиот офанзивец на „гипсарите“ се запиша во листата на стрелците на самиот почеток најавувајќи ја победата на Ренова против Беласица. Квалитетен и во продолжението, сериозна закана во континуитет по противничкиот гол.

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: АЛЕКСАНДАР ВАСОСКИ (ВАРДАР)

Повторно ја понесува титулата – тренер на колото. По претходната победа над Шкупи, Вардар добива битка против уште еден градски ривал. Васоски овој пат, поради суспензијата за исклучувањето на претходниот натпревар, битката ја водеше од трибините но на крајот беше поуспешен од колегата Жикица Тасевски на спротивната страна.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови