Connect with us

МАКФУДБАЛ – ТИМ НА 21.КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА!

Работнички ја сопре Шкендија, Шкупи од пенал го освои Кратово и ја намали негативата на шест бода во однос на лидерот, а Александар Васоски и Борче Христов ги остварија првите победи со Академија Пандев и со Борец. 

Пелистер направи изненадување и славеше во Струга, а Вардар лесно падна во Тетово против мотивираната Ренова. 

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим за 21.коло во Првата фудбалска лига. 

1. ДАВОР ТАЛЕСКИ (ПЕЛИСТЕР)

Ја сочува мрежата на гостувањето во Струга против офанзивниот домаќин. 

2. НИКОЛА РИСТЕСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Беше директен чувар на Љупчо Дориев кој не успеа да направи ниту еден посериозен продор и да го загрози голот на Работнички. Одличен во текот на целиот меч.

3. ХРИСТИЈАН ДРАГАРСКИ (ПЕЛИСТЕР)

Командуваше со одбраната на Пелистер која успеа да не прими гол против Струга Трим Лум, а во финишот и стигна до триумф. 

4. НЕНАД МИШКОВСКИ (РЕНОВА)

Стабилен во одбраната, многу често и организатор на играта на Ренова од позадина. 

5. ФРЕДИ АЛВАРЕЗ (ШКУПИ)

Тој е главниот двигател на играта во тимот на Шкупи, ги разигрува соиграчите, диктира темпо, беше успешен реализатор на најстрогата казна и донесе победа. 

6. АЛДАИР НЕТО (ПЕЛИСТЕР)

Одлични физички предиспозиции, веднаш се наметна како еден од носителите на играта на Пелистер. Парираше одлично во средниот ред, на крајот битолскиот тим славеше триумф. 

7. МЕТОДИ МАКСИМОВ (РАБОТНИЧКИ)

Во новата улога, крај десната странична позиција, тој е пријатно изненадување и големо тактичко откритие на тренерот Александар Влахо. Имаше неколку одлични пробиви против Шкендија.

8. ЛУКА СТАНКОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Работнички ја надигра Шкендија, а една од причините е доминацијата во средниот ред. Таму „царува“ Лука Станковски, со долг чекор, одличен преглед на игра и леснотија со која ги разигрува соиграчите. 

9. МАРИО КРСТОВСКИ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Имаше одлична реакција во финишот на натпреварот постигнувајќи го победничкиот погодок за Академија Пандев против Македонија ЃП. 

10. МАРЈАН РАДЕСКИ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Се враќа во репрезентативната форма. Повторно има верба во себе и што е најважно, игра клучна улога за својот тим. Постигна убав гол со глава, го носеше тимот до важен триумф. 

11. РЕМЗИФАИК СЕЛМАНИ (РЕНОВА)

Напаѓачот на Ренова одигра одличен меч, беше стрелец на два гола, едниот прекрасен, вториот од пенал. Се движеше одлично, создаде многу проблеми за одбраната на Вардар која трипати капитулираше.

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: АЛЕКСАНДАР ВАСОСКИ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Ја оствари првата победа на кормилото на Академија Пандев, но многу значајна против еден силен ривал како Македонија ЃП кој се бори за излез на европска сцена. Мисијата на „пандевци“ е да обезбедат опстанок, а ова е формулата за бегство од опасната зона.  

 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови