Connect with us

МАКФУДБАЛ – Тим на 19.коло

Првото пролетно коло во македонскиот шампионат донесе многу возбудувања. Најинтересно беше во Тетово, каде Шкендија го доби Вардар со 1-0, но останаа многу контроверзи поради непризнатиот погодок на Филип Најдовски. Возбудливо беше и на арената „Филип Втори“ и во Кратово, каде Ренова и Шкупи израмнија во судиското продолжение од натпреварите. 

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим за 19.коло.

1. ДАРКО ТОФИЛОСКИ (ПОБЕДА)

Голманот на Победа беше сигурен на голот, имаше неколку одлични интервенции и заслужи да биде најдобра „единица“ за првото пролетно коло. 

2. БОЈАН ЃОРГИЕВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Новото засилување на Работнички одлично се вклопи во тимот, делуваше офанзивно и креираше многу акции меѓу која и за водечкиот погодок на „романтичарите“. Во дефанзивата исто така стабилен и одговорен.

3. ЖУНИОР РЕИС (ВАРДАР)

Можеби и најдобриот фудбалер на Вардар на дербито во Тетово. Одмерен и мудар, но исто така и жесток во реакциите кога беше потребно. Ќе биде големо засилување за вардарци. 

4. ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (ШКЕНДИЈА)

Вистински лидер во одбраната на шампионот. Брз и енергичен во одбранбените задачи, но и со активна улога кога Шкендија гради напади. Репрезентативен калибар. 

5. НЕНАД МИШКОВСКИ (РЕНОВА)

Успеа да постигне израмнувачки погодок од пенал и да донесе бод за Ренова против Работнички. Искусен и квалитетен во дефанзивата. 

6. ЃОРЃИ СТОИЛОВ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Креатор на играта на својот тим. Одигра одличен натпревар против Македонија ЃП, сигурен со топката, креативен во проигрувањата.

7. БОБАН ГЕОРГИЕВ (СИЛЕКС)

Беше најдобар фудбалер на Силекс на дуелот против Шкупи. Го постигна водечкиот гол, креираше уште неколку шанси и беше постојана опасност за одбраната на гостите. 

8. АГИМ ИБРАИМИ (ШКЕНДИЈА)

Неговите квалитети се неспорни, тој е репрезентативен калибар. Успеа веднаш да се наметне како лидер во тимот на Ќатип Османи. Во првото полувреме беше посебно инспириран и покажа дека располага со огромен фудбалски капацитет. Потврди зошто е најголемото засилување за Шкендија и воопшто во македонскиот клупски фудбал оваа зима.

9. АЦО СТОЈКОВ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Кој вели дека Ацо Стојков е ветеран? Се уште е брз како молња, а искуството си го прави своето кога е пред противничкиот шеснаесетник. Беше стрелец на еден од трите гола за Академија Пандев и перманентна опасност за одбраната на Македонија ЃП. 

10. ОМАР ИМЕРИ (ШКЕНДИЈА)

Фудбалерот што ќе го реши дербито на сезоната, секако заслужува да биде во тимот на колото. Одигра одлично, го постигна погодокот за голем триумф на Шкендија и покажа дека поседува голем потенцијал. 

11. МАРИО КРСТОВСКИ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Крилниот напаѓач на Академија Пандев одигра раскошно, постигна еден погодок, но и креираше голем број акции на својот тим.   

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ЌАТИП ОСМАНИ (ШКЕНДИЈА)

Шкендија оствари голем триумф над Вардар и побегна на врвот на табелата. Ќатип Османи е искусен стратег, знаеше како да ги неутрализира сите добри страни на Вардар и го доби натпреварот. Во дербито на сезоната, резултатот е сепак најважен, иако Шкендија прикажа и допадлива игра. Остануваат контроверзите за непризнатиот гол на Вардар, но тоа сепак и не е во доменот на тренерскиот занает.   

 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови