Connect with us

МАКФУДБАЛ ИНТЕРВЈУ – Муамед Сејдини: Фудбалерите се вистинските херои на 2021

2021 година е зад нас и на многу полиња треба што побрзо да ја заборавиме. Коронавирусот го „зароби“ светот, тоа значително го отежна животот и во Македонија, како впрочем и секаде во светот.

Сепак, ако гледаме само на фудбалски план, тогаш изминатата година беше фантастична, незаборавна за Македонија. Националниот тим за првпат беше дел од Европско првенство, ја направи сензацијата на деценијата со триумфот над Германија, а успеа да избори и бараж за Светско првенство, каде за полуфинален ривал ја има моќната Италија.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, резимирајќи ги случувањата во 2021 година вели дека вистинските херои се фудбалските репрезентативци.

„Тешко е да се зборува за 2021 година како успешна година на глобален план, но ако се фокусираме на фудбалот, ние би можеле само да посакаме секоја наредна да ни биде успешна како и годината што измина. Македонија беше учесник на историско Европско првенство, имавме фантастични резултати и во квалификациите за Светското првенство и сениорскиот национален тим обезбеди мундијалски бараж. Тоа досега сме можеле само да го сонуваме, сега на јаве му се радуваме. И веднаш сакам да кажам дека сите заслуги ги имаат фудбалските репрезентативци кои ги заслужуваат честитките. Не направија горди, сите нас во Фудбалската федерација, но и сите граѓани на Македонија“, вели Муамед Сејдини во интервјуто за МАКФУДБАЛ.

Пласманот на ЕП го обезбедивме претходно, но 2021 година започна со фантастичниот, сензационалниот триумф против Германија во Дуисбург, а потоа Македонија беше учесник на Европското првенство. При крајот на годината следеше успешен финиш на мундијалските квалификации и пласман во баражот за СП.

„Годината можеме, ако се согласувате, да ја поделиме на два дела. На почетокот фудбалерите ја кренаа нацијата на нозе со онаа неверојатна победа над Германија во Дуисбург, а потоа имавме горди настапи и на Европското првенство. И покрај трите порази, достојно и храбро се носевме со сите противници. Капитенот на репрезентацијата Горан Пандев се прости од националниот дрес и би сакал во оваа прилика уште еднаш да му се заблагодарам бескрајно за се што направи за Македонија. Исто така, благодарност и до поранешниот селектор Игор Ангеловски, кој успешно ја водеше репрезентацијата во првиот дел од квалификациите за СП и на Европското првенство. По ЕВРО 2020, имавме смена на селекторската позиција, по заминувањето на Ангеловски, федерацијата се одлучи да му даде шанса на Благоја Милевски и се покажа дека не погрешивме. Тој продолжи со успесите, иако имаше и такви кои на почетокот беа песимисти и не веруваа дека тоа ќе се случи. Го презеде националниот тим среде квалификации и иако имавме три ремија во серија, сепак, на крајот успеавме да го освоиме второто место во групата, историски најдобар резултат за Македонија во едни квалификации, и тоа ни донесе место во баражот за СП“, истакнува претседателот на ФФМ.

Полуфинален противник во баражот ќе ни биде Италија, а доколку победиме, ќе играме против Португалија или против Турција, и тоа на гостински терен.

„Македонија како да е навикната секогаш да оди по најтешкиот пат. Но, и нема да се предаде. Веруваме дека можеме да ја победиме Италија. Ако можевме да ја победиме Германија во Дуисбург, зошто не би можеле да направиме уште една сензација. Апсолутно веруваме во квалитетите и огромната желба на македонските репрезентативци да приредат уште едно фудбалско чудо“, порачува Сејдини.

Клупскиот фудбал во Македонија ќе мора да го подигнеме на повисоко ниво. ФФМ преку проектите поддржани од УЕФА помага за подобрување на инфаструктурата.

„Фудбалската федерација на Македонија преку проектите поддржани од УЕФА инвестира во инфраструктурата во македонскиот клупски фудбал. Заокружен е проектот на стадионот Чаир, изградена е нова трибина на стадионот во Охрид, каде свој премиерен настап имаше и младата фудбалска репрезентација до 21 година, како и женската репрезентација. Во изградба се нови трибини во Штип, во Битола…Ќе се трудиме максимално да се подобрува инфраструктурата и условите за фудбал во нашата земја“, дополнува Сејдини.  

На крајот, се осврна и на работата на Фудбалската федерација на Македонија.

„Сакам да им искажам почит и благодарност и на сите кои напорно работеа од втор план, што се вели во сенка, како сервис на фудбалската репрезентација. И тие имаат огромни заслуги за големите успеси. Тука се сите, од економи, до архивари, вработените во сите служби во федерацијата, селекторите на сите помлади селекции. Иако добивавме многу критики, сепак, оставаме да говорат за нас делата и успесите. И нема да застанеме тука, затоа што сакаме овие успеси и убави моменти во македонскиот фудбал да ги имаме во континуитет и се почесто. Би сакал на сите фудбалски фанови и на македонските граѓани да им ги честитам празниците, најважно е во ова време невреме, сепак, здравјето, но и да си посакаме многу убави моменти и нови успеси, за секого поединечно, но и како фудбалска Македонија“, заврши претседателот на Фудбалската федерација на Македонија.     

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови