Пишува: Никола Ѓуровски
Мачна е 2020 година од многу аспекти, но на фудбалски план не е воодушеви. Македонија направи чудо, стана сензација во Европа, го исполни сонот на сите и се пласира на Европското првенство. Верувале или не, човекот кој е еден од најзаслужните за огромниот успех, селекторот Игор Ангеловски, веруваше дека Македонија може да направи вакво чудо уште пред пет години, кога дојде на селекторската позиција.
„Животот е возбудлив кога има за што да се мечтае, а исполнет е кога сништата ќе бидат реализирани. Се надевам дека успеавме да го исполниме сонот на сите генерации Македонци кои во јуни ќе навиваат за својата репрезентација на Европското првенство. Кога се има верба, цел, стратегија и кога секој ден посветено ќе се работи за исполнување на целта – тогаш магијата функционира. И веднаш да кажам, дека лесно е да се биде магионичар кога имате огромна магија во тимот. Почнувајќи од капитенот Горан Пандев, па се до последниот член на стручниот штаб, секако вклучувајќи го и целиот систем на Фудбалската федерација на Македонија кој функционираше беспрекорно. За пласман на Европско – потребно е се да функционира европски. И да, верував во успех уште од самиот старт, се надевав дека Македонија може да се пласира на ЕП и тоа отворено го говорев, знае и целата јавност. И сега повторно ќе кажам, фудбалска Македонија ќе има што да каже и на завршниот турнир“, вели предводникот на фудбалскиот национален тим, Игор Ангеловски.
Последниот свиреж, крајот на мечот против Грузија донесе огромни емоции, Ангеловски се „бореше“ со солзите, фудбалерите летаа во прегратка, на крајот селекторот се најде на рацете на фудбалерите.
„Тогаш ви прелетуваат сите оние тешки моменти, напорни тренинзи, исчекување, повреди, корона – забрани, одложувања, пресијата што беше присутна пред полуфиналната пресметка со Косово, подготовката за финалниот испит во Грузија. И одеднаш едно неверојатно чувство на гордост, исполнетост, срцево брзочукање, дека Македонија ќе биде дел од Европско првенство. Сонот е реалност, се живее моментот, народот слави. Тоа е неописливо, не може да се опише, треба да се доживее. Ја имав таа среќа да бидам селектор на една фантастична генерација фудбалери предводена од капитенот Горан Пандев која испиша светла историја на македонскиот фудбал. И се надевам дека ова не е последниот збор. Дека ќе испишуваме уште многу убави моменти, успеси, радосни мигови за нас и за целиот македонски народ. Допрва доаѓа делот за уживање, настапот на Европското првенство“, порачува Игор Ангеловски.
Волшебните моменти малку како да се изгубија пред крајот на 2020, со оглед дека истекува вашиот договор со ФФМ, а некако премногу „тактика“ при преговорите наместо директен напад кон противничкиот гол. Игор Ангеловски од 1 јануари 2021 година официјално веќе нема да има договор за селекторската позиција.
Сепак, претседателот Муамед Сејдини потенцира дека сте првиот избор на ФФМ за селекторската функција и дека ќе седнете на маса да разговарате за понатамошно продолжување на соработката.
„Му благодарам на претседателот Сејдини што ме смета за прв избор, мислам дека со постигнатите резултати го заслужив тоа. Сакам да ја информирам јавноста дека сум подготвен да ги прифатам сите понудени услови во форма на договор од страна на ФФМ и истиот да го потпишам. Деталите од договорот сум подготвен да се објават јавно на заедничка прес – конференција затоа што не сакам јавноста да добие погрешен впечаток дека од моја страна ќе бидат поставени некакви услови. Јас секогаш го ставам во преден план националниот интерес пред личниот“, вели се уште актуелниот селектор на А – репрезентацијата.
За да се постигнат големи успеси треба се да функционира на највисоко можно ниво. Треба се да биде европски поставено…од оние што ја косат тревата во комплексот на ФФМ, па се до првите луѓе во федерацијата. Кога има успех, сите се заслужни.
„Потполно се согласувам со вас. Во А – репрезентацијата се функционира беспрекорно, за тоа најголема заслуга имаат фудбалерите на чело со капитенот Горан Пандев, стручниот штаб и целиот медицински и технички персонал. За време на мојот мандат како селектор сме ги имале сите потребни услови од страна на Федерацијата, а за тоа заслугите одат кај сите вработени почнувајќи од претседателот Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски. И буквално сите останати кои се дел од големото фудбалско семејство во Македонија“, потенцира Ангеловски.
За крај и една „магична“ порака за 2021 година, Фудбалскиот национален тим ја навикна Македонија на успеси и радости. Ќе ги има ли и во годината што доаѓа?
„Искрено се надевам, хемијата е тука, се функционира како едно големо семејство, кога се работи напорно, успесите секако ќе дојдат. Јас никогаш не стравувам од храбри изјави, Македонија ќе биде големо и пријатно изненадување и на Европското првенство. Само здравје да има, чувајте се Македонци, сакајте се и навивајте за фудбалската репрезентација. Тие момци тоа дефинитивно го заслужуваат, затоа што се вистински херои. За крај, на сите граѓани сакам да им ги честитам новогодишните и божиќните празници и да им посакам многу здравје и среќа во 2021. За нови радости се надевам дека ќе придонесе и фудбалската репрезентација“, порачува селекторот.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski