Connect with us

МАКФУДБАЛ – ИГРАЧ ЗА СЕЗОНАТА 2018/19: ВИСАР МУСЛИУ (ШКЕНДИЈА)

Шкендија направи клучен потег за зацврстување на одбраната кога успеа да му го одземе Висар Муслиу на Вардар. Тој минатата сезона беше еден од столбовите во играта на македонскиот првак, даде огромен придонес во одбрана на шампионската круна, а истовремено со одличните игри се промовираше и во стандарден македонски репрезентативец. Муслиу, според изборот на МАКФУДБАЛ, е најдобриот играч за сезоната 2018/19 во Првата фудбалска лига на Македонија. Тој ја доби престижната статуетка и наградата од компанијата за спортска опрема „Мега Спорт“. 

„Голема благодарност за ова престижно признание. Кога доаѓа од специјализиран фудбалски портал, од рацете на новинари и аналитичари кои многу добро ги познаваат состојбите и го препознаваат квалитетот, дефинитивно многу ми значи. Оваа награда е и обврска да продолжам да работам уште понапорно и да се потврдувам со нови добри игри и во тимот на Шкендија и во фудбалската репрезентација на Македонија“, вели Висар Муслиу. 

Минатата сезона беше успешна за Висар Муслиу и за Шкендија, шампионската круна остана во Тетово. 

„Мислам дека апсолутно заслужено го одбранивме шампионскиот трофеј. Имавме и подеми и падови, нормално е тоа за секој тим, но ако ја анализираме целата сезона, јасно е дека Шкендија покажа во македонскиот фудбалски шампионат. Можеби стартувавме послабо, веројатно и како плод на напорните настапи во квалификациите за Лигата на Европа, но останавме сплотени, го издржавме тешкиот период и бевме одлични, посебно во вториот дел од првенството. Дефинитивно покажавме најголем квалитет“, истакнува дефанзивецот на Шкендија.

Муслиу имаше забележителни настапи и во националниот тим. 

„Имавме одлични изданија во Лигата на нации, почнавме добро и во квалификациите за ЕВРО 2020, но потоа се случија последните два порази, од Полска и од Австрија. Не треба да се разочаруваме, ниту да се откажуваме, туку да работиме напорно и да веруваме во понатамошен успех. Мислам дека националниот тим е на вистински пат и создадовме една селекција која може да се надигрува и со многу поквалитетни репрезентации. Верувам дека во иднина ќе бидеме уште подобри и дека можеме да го оствариме сонот, да бидеме дел од едно големо натпреварување“, анализира Висар Муслиу.

Шкендија е елиминирана од квалификациите за Лигата на шампионите, но има отворен пат да оствари успеси и оваа сезона во Лигата на Европа. Следен протовник е Дуделанж. 

„Не смеевме да дозволиме елиминација од Номе Калју. Ние сме неколку класи подобар тим, но ете таков е фудбалот, некогаш носи многу горчина. Ние гаѓавме стативи, имавме шанси, а Номе Калју буквално од ништо постигна два гола. Но, тоа веќе го оставивме зад нас, големината на секој тим е да се издигне после пораз и елиминација и сега сме фокусирани на тоа што доаѓа, дуелите со Дуделанж во Лигата на Европа. Можеби оваа година ќе успееме да се пласираме во групната фаза и се ќе излезе најдобро. Тоа е и нашата цел“, истакнува најдобриот играч во Македонија за сезоната 2018/19 во изборот на МАКФУДБАЛ. 

                      

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови