Connect with us

Макфудбал – анализа за ЕВРО – Ѓоко Хаџиевски: Македонија не го прикажа најдоброто од себе на Европското првенство

Учеството на Македонија на Европското првенство е најубавото нешто што му се случило на македонскиот фудбал, исполнување на сонот, емоции за народот, сатисфакција и гордост за сите фудбалски работници, спортски вљубеници и навивачи. Сите сме среќни што македонската репрезентација беше дел од завршниот континентален фудбалски турнир.


Не се посрамивме на настапот, бевме достојни, горди и емотивни. Сепак, мислам дека фудбалски репрезентацијата не го даде најдоброто од себе. Не беше ни далеку од она што претходно го најавувавме, со изјавите дека ќе одиме во вториот круг или дека ќе победуваме. Имаше и такви изјави дека сите три меча ќе ги победиме и тоа мораше подобро да го менаџираме.

Пред да почне ЕВРО на МАКФУДБАЛ најавив дека за добри резултати на Македонија на Европското првенство, ќе мора најмалку 80% од селекцијата да биде на најдоброто можно ниво. За жал, тоа не се случи. Освен капитенот Горан Пандев, кој е светски играч и на 38 години, и одличниот голман Столе Димитриевски кој во текот на првенството имаше десетина одбранети зицери ’еден на еден’ со противниците, останатите не го дадоа најдоброто од себе. Така изгледаше и комплетно, репрезентацијата на Македонија.

Не наликувавме на селекцијата која одигра квалитетно, компактно и тактички мудро против Косово и против Грузија, и која сензационално ја победи Германија во квалификациите.

Да бидам јасен, желба, емоција, пожртвуваност, максимално залагање, не изостануваше. Според страста, можеби бевме веднаш зад Италија, која е позната по нагласениот патриотски пристап на ваквите натпреварувања. Но, сепак, не го извлековме најдоброто од оваа селекција.


Имаше импровизации на одредени позиции во тимот, не беше извлечен максимумот од нашите најдобри фудбалери, со Горан Пандев во нападот мораше да игра еден брз играч кој ќе го користи неговото завршно додавање за да излезе во гол-шанса. Играта мораше да биде многу повеќе прилагодена на Елиф Елмас, кој е единствениот кој може лесно да мине еден на еден и да создаде шанса, да постигне гол, покрај Горан Пандев.

Аријан Адеми беше максимално борбен во дефанзива, но и тој и Барди многу ретко правеа долги изнесувања на топката, а во врвниот европски фудбал, со кратки додавања и позициски напад, многу потешко се создава шанса за гол, ако противникот веќе се намести во одбранбен гард. Како пример, Холанѓаните против нас имаа изнесувања на топката и до 70 метри, брзи проигрувања, Украинците беа физички надмоќни, а Австријците беа технички супериорни.

Македонија имаше одлични моменти, на секој од трите натпревари, меѓутоа немаше континуитет во играта, а падовите беа многу забележливи и противниците тоа знаеја д го искористат. Бевме и добро анализирани, нашите најдобри фудбалери и носители на играта беа добро затворени. Ривалите играа висок пресинг, на првиот меч против Австрија при резултат 1-1, Давид Алаба играше лев бек, се повлече на либеро, а потоа повторно од левата страна тргна офанзивно со центаршутеви. Тука моравме многу подобро да реагираме, исто како и во моментот кога беше внесен Марко Арнаутовиќ. Тогаш требаше во истата секунда и ние да внесеме уште еден стопер, затоа што имавме поволен резултат.

Во нападот, ни недостигаше брз фудбалер, затоа што само така може од противнапад да се загрози противникот кога сте во одбранбена зона.

На крајот, ова е драгоцено искуство, видовме како е да се игра на Европско првенство и сега сите сили да ги вложиме во уште подобар развој, да направиме стратегија и да формираме селекција, со оглед дека дел од фудбалерите најавија повлекување, меѓу кои и најдобриот фудбалер, капитенот Горан Пандев, да создадеме база и основа, а потоа да се обидеме повторно да направиме еден ваков исчекор со пласман на Европско првенство.

Генерацијата на Боби Милевски има квалитет, но тоа не е никаква гаранција дека ќе има и резултати. Србите освоија младинско Светско првенство, па потоа истите тие никогаш не направија добри резултати во сениорскиот фудбал. Најважно е да знаеме што сакаме, да изградиме стратегија и потоа да успееме да ја реализираме.

Горди сме сите што Македонија играше на Европско првенство!

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови