Connect with us

ЛШ: Реал падна на „Енфилд“, Баерн го освои Париз (ВИДЕО)

Ливерпул славеше минимална, но голема победа над Реал Мадрид со 1-0 во дербито на четвртото коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Со овој триумф, „црвените“ му го нанесоа првиот пораз на најтрофејниот европски клуб во тековната сезона од континенталното натпреварување.

Натпреварот на „Енфилд Роуд“ започна внимателно, со многу тактика и две спорни ситуации за пенал. Најпрво Чуамени играше со рака, но судијата Ковач не досуди ништо, а потоа и Винисиус беше соборен во шеснаесетникот на домаќините, но повторно без сигнал од главниот арбитар.

Во првото полувреме, Тибо Куртоа блескаше со две големи одбрани, додека Гиорги Мамардашвили на спротивната страна не дозволи Ливерпул да поведе.

„Црвените“ тргнаа офанзивно по паузата и го скршија отпорот на Реал во 61. минута, кога Алексис Мекалистер по центаршут на Доминик Шобослаи погоди за 1-0. ВАР проверката го потврди погодокот.

Реал Мадрид се обиде да се врати во игра преку Килијан Мбапе, но неговиот обид заврши крај дирекот. До крајот, избраниците на Чаби Алонсо не создадоа сериозна закана и Ливерпул заслужено ги освои трите бода.

Баерн Минхен извојува голема победа во дербито на колото од Лигата на шампионите, совладувајќи го актуелниот европски првак Пари Сен Жермен со 1-2 на „Паркот на принцовите“. Херој на баварскиот гигант беше Колумбиецот Луис Дијаз, кој постигна два гола, но подоцна беше исклучен поради груб старт.

Баварците го отворија натпреварот со агресивен пресинг и висок ритам на игра, што целосно го изненади ПСЖ. Тимот на Луис Енрике се мачеше со изнесувањето на топката, а Баерн ја искористи ситуацијата уште во четвртата минута, кога Дијаз реализираше за водство од 0-1.

Домаќините се обидоа брзо да одговорат и преку Осман Дембеле постигнаа погодок, кој беше поништен поради офсајд. Наместо тоа, во 32. минута следуваше нов удар за „светците“ – Маркињос направи груба грешка пред својот гол, Дијаз ја украде топката и лесно погоди за 0-2.

Но, херојот на Баерн брзо стана и трагичар. Во самиот финиш на првото полувреме, Дијаз направи остар прекршок врз Ашраф Хакими и доби директен црвен картон. До крајот на полувремето резултатот остана непроменет, а дополнителен проблем за ПСЖ беше повредата на Дембеле, кој мораше да биде заменет од Ли Канг-Ин.

Во второто полувреме Баерн се повлече и одигра тактички дисциплинирано, додека ПСЖ ја презеде иницијативата. Французите притискаа, но долго време не успеваа да создадат сериозна шанса.

Во 74. минута сепак успеаја да намалат преку Жоао Невеш, кој со убав удар го совлада Мануел Нојер. Домаќините потоа притиснаа уште повеќе, Заир-Емери и повторно Невеш имаа добри обиди, но Баерн издржа до последниот свиреж и ги освои вредните три бода во Париз.

Резултати од останатите натпревари во ЛШ:

Бодо/Глимт – Монако 0-1 (Балогун)

Олимпијакос – ПСВ 1-1 (Мартинс / Пепи 93’)

Атлетико Мадрид – Унион Сен Жилоаз 3-1 (Алварез, Галагер, Љоренте / Сијкс)

Јувентус – Спортинг 1-1 (Влаховиќ / Араухо)

Тотенхем – Копенхаген 4-0 (Џонсон, Одоберт, Ван де Вен, Палиња)

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови