Connect with us

ЛШ: „Кралот“ ја напаѓа тврдината на Манчестер Сити

Манчестер Сити го пречекува Реал Мадрид на „Итихад“ во исклучително неизвесен и интригантен реванш од полуфиналната фаза во Лигата на шампионите. Двата тима, кои и пред почетокот на сезоната беа меѓу главните фаворити за тотулата во ЛШ, ремизираа 1-1 пред една седмица на „Сантијаго Бернабеу“ по спектакуларните голови на Винисиус Жуниор и на Кевин Де Бруин.


Манчестер Сити е на само четири натпревари до можна историска тројна круна за клубот. Првиот од овие натпревари е токму против актуелниот освојувач на трофејот во Лигата на шампионите. Неколку дена подоцна, в недела, „граѓаните“ можат да ја официјализираат титулата во Премиер – лигата, во пресрет на евентуалното европско финале и финалето на ФА Купот против Манчестер Јунајтед.

На „Итихад“ се уверени дека можат да ги доведат сите овие битки до успешен крај. Пред се, сепак, е вечерашната супер-пресметка против Реал Мадрид.

Манчестер Сити е во неверојатна серија од 22 натпревари без пораз во сите натпреварувања. Дополнително на ова е серијата од 15 победи на „Итихад“, при што на 14 од тие 15 натпревари тимот постигнал најмалку два гола. Последен пат Манчестер Сити загуби домашен натпревар во Лигата на шампионите во септември 2018 година.

„Граѓаните“ викендов немаа проблеми на гостувањето кај Евертон, победувајќи со 0-3 за 11-та последователна победа во Премиер – лигата.

Сепак, на сите овие достигнувања Реал им се спротивставува со 14 трофеи од најпрестижниот европски клупски турнир. „Кралевите“ веќе освоија еден трофеј откако го подигнаа пехарот во Копа дел Реј.

Доколку додадат уште еден трофеј од омиленото европско натпреварување, сезоната ќе биде повеќе од успешна, иако Реал ја загуби битката за титулата во Ла Лига од својот вечен ривал Барселона.

Минатата сезона Манчестер Сити на овој стадион го победи Реал Мадрид со 4-3 во спектакуларен дуел. Домаќините нема да имаат ништо против повторување на тој резултат бидејќи тоа ќе значи дека „граѓаните“ ќе стигнат до своето второ финале во Лигата на шампионите во последните три години.

Карло Анчелоти одмори голем број на стартери против Хетафе, па играчите на Реал Мадрид треба да бидат доволно свежи за вечерашниот голем дуел. Едуардо Камавинга го напушти теренот со повреда, но последовните снимки покажаа дека ќе биде на располагање за пресметката со Сити.

Тоа значи дека и двајцата тренери ќе го имаат речиси целото арсенал на кој ќе се потпрат во оваа непредвидлива битка.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови