Connect with us

Колумна – Филип Лам за ЕВРО: Македонците сакаат да покажат кои се и кои сакаат да бидат

Понекогаш слушаме мислења дека националните тимови не се веќе во чекор со модерното време. Всушност, концептот на нации историски во Европа бил товар. Но, ако се менаџира одговорно, може да создаде идентификација без да предизвика штета. Европското првенство може да ја засили идејата за обединета Европа преку разиграноста на фудбалот.

Историјата на европските првенства покажува дека спортот во поширока смисла може да има обединувачки ефект. Истокот и Западот се запознаваа подобро меѓусебе токму на првенствата.

Првиот европски шампионат во 1960 година во време на Студената војна го освои Советскиот Сојуз. Лав Јашин, „црниот пантер“ од Москва уште е синоним за фудбал. Тој е единствениот голман што бил избран за европски фудбалер на годината.

Во 1976, Чехословачка стана европски шампион. Во текот на турнирот оваа селекција ги победи Англија, Португалија и двата финалисти на светските првенства, Германија и Холандија. На овој шампионат се прослави Антонин Паненка, а специфичното изведување пенали кој тој го „патентираше“ го носи неговото име.

За Европското првенство во Англија во 1996 година, семејството на УЕФА беше проширено поради падот на Железната завеса. Се појавија тимови како Хрватска и Чешка. Во средината на 2000-те, УЕФА направи чекор кон Истокот и им го додели Европското првенство на Полска и на Украина.

Овој пат Европското првенство првпат ќе биде одиграно во 11 земји вклучувајќи и места на кои се градела историјата. Глазгов, градот во кој е роден фудбалот во 19. век е единствениот во светот во кој има три фудбалски стадиони кои имаат капацитет за најмалку 50 илјади луѓе. „Хемпден парк“ е најстар во светот.

Арената во Будимпешта го носи името на Ференц Пушкаш по кого францускиот „L’Équipe“ ја именуваше наградата европски фудбалер на векот.

Парадоксално, посебниот шарм на европските и на светските првенства тактички е на пониско ниво отколку на клупските натпреварувања. Тоа е едноставно затоа што селекторите многу помалку и многу поретко работат со фудбалерите и затоа влијанието е помало. Исто така влијае и фактот што во тимовите не може да се инвестира, па затоа не секогаш екипата е идеално покриена на сите позиции.

Петнаесет европски првенства имаа 10 различни шампиони. Затоа што според форматот нема возвратен натпревар, помалите нации добиваат поголеми шанси. На вакви турнири доблестите се пресудни. На пример, тимскиот дух, дисциплината, страста. Ако тимот е обединет во овие неколку недели може да стигне далеку.

На ЕУРО 2016 во Франција, малиот остров со само 350 илјади жители го освои срцата на публиката. Тимската динамика на селекцијата на Исланд и нивната атмосфера беше заразна. Навивачите во традиционална облека карактеристична за историјата на земјата доаѓаа и го освојуваа трибините. Во заедништо со навивачите, исландските фудбалери беа во можност да покорат вулкани. Тоа беше пример за тоа што е спортот во неговата основна смисла. Репрезентацијата на Исланд тогаш ги освои срцата на многу Европејци. Многумина се заинтересираа за земјата, ако ништо повеќе барем да ја проглуглаат на интернет.

Хрватска стигна до финалето на Светското првнество во 2018 година. Тоа е држава која беше повторно родена само неколкку децении претходно. Изданијата на националниот тим го отскликуваат начинот на кој Хрватска сака да биде претставена како држава. Првенството на националните тимови е идеално место за тоа. Истото е на пример и со Евровизија.

Националните тимови дури ги промовираат и културолошките постигнувања на земјите. Секако секоја од репрезентациите игра во стилот типичен за земјата од која доаѓа. Италија и Шпанија се под силно влијание на домашната фудбалска култура и на националните лиги. Англија пак во која во домашното првенство ѕвездите доаѓаат од други земји, често недостасуваат играчи на клучните позиции.

Задоволството кај ваквите турнири е и тоа што имаме можност да ги гледаме најголемите фудбалски ѕвезди како ја интерпретираат нивната улога во репрезентациите. Мишел Платини, на пример, кој во своето време беше најдобрите европски фудбалер, ја предводеше Франција до титулата во 1984 година. Тој блесна на шампионатот како што блесна и Диего Марадона предводејќи ја Аргентина на Светското првенство во 1986 година.

Во 2016 година, тогашната ѕвезда на Реал Мадрид, Герет Бејл го предводеше Велс до полуфиналето. Кристијано Роналдо исто така ја посвети светската кариера на националниот тим. Португалија навистина ја освои титулата без него, беше повреден за финалето, но и постојано ги бодреше соиграчите од тренерската зона. Очигледно беше дека сфаќа оти профитира од зрелоста на неговиот тим. Титулата го комплетираше како фудбалер.

На ова првенство треба да се посвети особено внимание на Кевин де Бруине. Белгија има и други големи фудбалери како Еден Азар, Ромелу Лукаку и Тибо Куртоа. Секој вистински љубител на фудбалот би сакал овој тим да победува. Де Бруин е поврден, но искрено верувам дека ќе се врати во голем стил на првенството.

Се разбира, не може, а да не се биде љубопитен за Карим Бензема. Франција стана светски првак во 2018 и беше сребрена на Европското во 2016 без него. Ако сака Дидие Дешамп да биде во третт=о по ред финале ќе мора да го интегрира специфичниот карактер на Бензема во тимот.

Франција заедно со традиционалните фудбалски нации Италија и Шпанија повторно е во редот на фаворитите. Тука е и Германија каде што селекторот Јоакилм Лев инцираше промени пред две години. Во меѓувреме ги врати освојувачите на светската титула Томас Милер и Матс Хумелс. Прашањето сега е како ова ќе влијае на хиерархијата во тимот.

По раната елиминација од Светското првнество во 2018, Лев ќе мора да им објасни на фудбалерите дека играњето за својата земја е посебна одговорност. Парите и договорите се многу помалку важни во репрезентацијата. Сум ја слушал 113 пати химната на мојата држава играјќи за националниот тим. Во репрезентацијата многу поважни се соработката, пријателството – сите работи кои се карактеристика на тимските спортови. На европските и на светските првенства создавате историја.

Бројот на учесници на првенствата се зголемуваше низ годините. Од осум во 1960 на 16 во 1996 па до 24 на 2016 година. Оваа година Финска првпат се појавува на европските првенства. Со оглед на фудбалската историја и на демографијата не се меѓу фаворитите. Тие ја прифаќаат оваа улога. Да се биде аутсајдер може да се гледа и како предизвик.

Македонија која ја победи Германија со 1-2 во март годинава исто така дебитира на Европско првенство. Земјата која од политички причини мораше да го промени името, сака да се приклучи на Европската унија, но засега тоа не и е овозможено. Учеството на Европското првенство ќе ја засили самодовербата на земјата. Македонците сакаат да покажат кои се и кои сакаат да бидат. Тоа не е лоша мотивација за на големо натпреварување.

Короната не е учесник на првенството, но е фактор кој и понатаму ќе не потсетува што е најважно кај нациите. Солидарност и еднаквост. Се разбира, вирусот има влијание на овој европски турнир. Да се менаџира пандемијата и сите да бидат безбедни останува задача и за Европа и за светот. Без разлика на ова, можеме да го славиме ова ЕУРО како слободно и мирно натпреварување на нациите.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови