Connect with us

Кој ќе се радува на „последниот танц“ – Ројс или Крос?

Во финалето на Лигата на шампионите на митскиот стадион „Вембли“ во Лондон вечерва ќе се соочат пријатното изненадување Борусија Дортмунд и фаворитот Реал Мадрид.

Борусија Дортмунд има еден трофеј во ова натпреварување и тоа од сезоната 1996/97 по победата од 3-1 над Јувентус во финалето. „Жолто-црните“ имаат уште една финална пресметка за трофејот, во сезоната 2012/13, но токму на „Вембли“ загубија од големиот германски ривал Баерн Минхен со 1-2.

Борусија Дортмунд имаше лоша среќа да биде во „групата на смртта“, но сепак ја освои со 11 бода, оставајќи ги зад себе Пари Сен Жермен, Милан и Њукасл.


Во осминафиналето избраниците на Един Терзиќ го елиминираа ПСВ Ајндховен, во четвртфиналето го победија Атлетико Мадрид, а во полуфиналето повторно се сретна со ПСЖ и на крајот двапати го совладаа францускиот шампион со резултат 1-0.

Интересно, брилијантниот настап на Борусија Дортмунд во Европа е во контраст со оној во Бундес-лигата, каде што тимот заврши само на петтото место во конечниот пласман со 63 бода по 18 победи, 9 нерешени и 7 порази.

Вечерашното финале е уште поспецијално за Борусија Дортмунд бидејќи тоа ќе биде последен натпревар за легендата на клубот Марко Ројс, кој ќе направи сѐ што е во негова моќ да си замине со највредниот трофеј на клубот.

Од друга страна, Реал Мадрид победил дури 14 од своите 17 финалиња низ историјата на најсилното европско натпреварување. Така денеска „кралскиот клуб“ ќе го брка својот 15. трофеј и доколку го освои ќе го подобри сопствениот рекорд по титули во Лигата на шампионите.

Како и обично, тимот на Карло Анчелоти имаше силен настап на својот омилен турнир. Беше беспрекорен во групната фаза каде заврши со вкупно 18 бодови по вкупно 6 победи против Наполи (3-2, 4-2), Брага (2-1, 3-0) и Унион Берлин (1-0, 3-2).

Во елиминациите мадриѓаните уште еднаш ја покажаа својата озлогласена непопустливост, последовно елиминирајќи ги Лајпциг, Манчестер Сити и Баерн Минхен.

И Реал Мадрид има легенда која вечерва заминува и ќе го одигра последниот меч за клубот, но и воопшто во клупската кариера. Тони Крос става крај на кариерата, финалето ќе биде негов последен натпревар во клупскиот фудбал, по што ќе го одигра Европското првенство со репрезентацијата на Германија и ќе каже конечно „збогум“.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови