Connect with us

(ИН)ДИРЕКТ: Подемот на Вардар доби и европски печат

Вардар е моќен. Паролата не е само за на автобус, многу поважно е што функционира и долу на терен, и тоа на европските дуели. Најтрофејниот македонски клуб ја оствари втората европска победа ова лето, покажувајќи несомнен квалитет кој ја враќа вербата во нашиот клупски фудбал. Се разбира, заедно со Шкендија која пред три дена го победи поранешниот европски првак ФЦСБ (поранешна Стеауа).


Ако во првото коло беше многу полесно, против Ла Фиорита од Сан Марино, Вардар сега против себе го има швајцарскиот претставник Лозана, кој има петпати поголем буџет.


Тоа на теренот воопшто не се почувствува, Вардар делуваше надмоќно, физички импресивно и тактички добро организирано. И тоа, мора да се напомене, без најдобриот играч Горан Закариќ, кој поради повреда остана на клупата за резерви. Сето ова е плод на одличната работа во изминатиот период, на раководството при селектирањето на тимот и ангажманот на нови засилувања, но и најважното, финансиската консолидација, како и на стручниот штаб во оној спортски, фудбалски, дел долу на теренот.


Гоце Седлоски изгради машинерија и тоа сега има и европска потврда. Лозана можеби не е тим од европскиот крем, меѓутоа е претставник на швајцарскиот фудбал кој котира значително високо. Многу повисоко од македонскиот, кој го допре дното, па сега по малку крева глава, токму со овие две победи на Вардар и на Шкендија.


Седло е „цврста рака“, бара максимална посветеност од фудбалерите, а вистинската награда за неговата досегашна работа доаѓа со овие одлични настапи во Европа. Затоа што, да не заборавиме, само пред неколку месеци, Вардар беше во незавидна ситуација, распаднат, очаен и речиси без излез. Ваква трансформација за период помал од една година, заслужува максимален респект.


Ако некој издржа екстремно тежок период и го носеше најголемиот товар при критиките што доаѓаа кога на Вардар не му одеше, тоа дефинитивно е напаѓачот Азер Омерагиќ. И тогаш тврдев, а сега почна полека да се потврдува, тој е еден од ретките класични напаѓачи што ги има во Македонија, робусен во дуелите, одличен во воздух, пробивен, но беше комплетно загушен во лошата игра и резултатите на Вардар.


Сега е сосема поинаку, Вардар е офанзивен, гладен за резултати, создава шанси, постигнува голови, а во една таква ситуација отвори очи и Азер Омерагиќ и покажа дека може да биде меч-винер. Ако мене ме прашувате, во него има и репрезентативен потенцијал, затоа што нема Македонија премногу такви модерни напаѓачи. Веројатно, и единствен заедно со Марко Ѓорѓиевски, кој блесна минатата сезона во Силекс и еве го сега веќе во дресот на романскиот Клуж.


Маркантна фигура, висок, силен, знае да задржи топка, да одложи на вистинската страна, да отвори противнапад, а истовремено многу корисен и во дефанзива како одличен скокач.


Победата на Вардар против Лозана е многу важна, влева дополнителна самодоверба, ја дава потребната свежина за македонскиот фудбал во овие претопли јулски денови, но, како што веќе напомена и Гоце Седлоски веднаш по мечот, нема да значи премногу ако не се одигра најмалку на исто ниво и на реваншот во Швајцарија. Дополнителен бонус за сите нас е што сега сите се уверија дека овој Вардар може многу и во Европа. Серијата без пораз во Македонија, сега доби надградба и со европски предзнак.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови