Долго време го убедуваа да се врати, и конечно Агим Ибраими го облече дресот на Шкендија. По авантурите во Словенија, Италија, Казахстан, и 14 години како интернационалец, актуелниот шампион доби огромно засилување. Со него, на прагот се на одбрана на шампионската титула, но најдобриот играч според МАКФУДБАЛ во Првата лига за месец март сака и многу повеќе, нешто големо со Шкендија во Европа.
„Се вратив во Шкендија затоа што клубот ми ја претстави својата визија. Ни се совпаднаа желбите со раководството, сакаме да направиме нешто големо со клубот. За мене тоа е едно големо достигнување во европски рамки, како што претходно го доживеав со Марибор во кариерата. Би бил најсреќен доколку тоа можеме да го остварам и со клубот каде што ги почнав првите фудбалски чекори, пред да заминам во Салцбург како малолетно момче“, вели за МАКФУДБАЛ, Агим Ибраими.
По повеќе од една деценија е повторно во македонскиот фудбал. Беше дел и од Серија А, во тимот на Калјари. Може најдобро да го спореди квалитетот на нашиот клупски фудбал.
„Искрено, има овде во Македонија многу таленти, и се игра добар фудбал. Но, конечниот производ делува слабо за око, затоа што ни недостасува инфраструктура. Инаку, имаме одлични тимови, можам да кажам дека фудбалски ништо не заостануваме зад Словенија. Но, таму се е некако многу подобро подредено, се посветува повеќе внимание, се вложува повеќе, се размислува за иднината, за неколку години напред. Кај нас е тоа, за жал, се уште некако стихијно. Тоа мораме да го промениме ако сакаме да одиме побрзо напред. Инаку, фудбалот што се игра долу на теренот има квалитет. Подобро е прашањето можеби каков е теренот. Знаете, кога ќе ја примиш топката на ’тепих’ и на некој лош терен, не е исто. Го нема истиот филинг и за фудбалерите, и за гледачите“, објаснува Ибраими.
Публиката на стадионите е голема болка. Ибраими вели за се има решение, но треба напорна работа.
„Секој сака да гледа добар фудбал. Но, и да дојде на убав стадион, со столчиња кои се чисти, да ужива додека гледа, со семејството, со пријателите. Ние мораме да изградиме култ кон фудбалот. Да го промениме размислувањето. Одиме кон подобро, посебно неколку клубови, меѓу кои Шкендија е лидерот“, порачува одличниот играч за врска.
Македонската репрезентација игра одлично во квалификациите. Агим Ибраими во минатото беше истакнат член, се радува на успесите.
„Секого го радуваат успесите на Македонија. Репрезентацијата е слика за сите нас, гордост на државата. Се надевам дека ќе продолжиме со одлични игри и дека ќе се бориме за висок пласман во квалификациите. Имаме огромна шанса и преку Лигата на нации. Време е да се израдуваме и со фудбалот, да одиме на едно големо натпреварување. И јас ќе се трудам со игрите во Шкендија, повторно да се наметнам“, вели Агим Ибраими.
Малкумина знаат дека имаше речиси договорен трансфер во Атлетико Мадрид, потоа и во Порто, но на крајот заврши на позајмица од Марибор во Калјари.
„Тешко е надвор, некогаш само еден момент е пресуден, имав речиси договорен трансфер во Атлетико Мадрид. Потоа беше и Порто како опција, а кога дојдов следното утро во клубот, ми кажаа дека ќе одам на позајмица во Калјари. Но, и тоа беше голем чекор напред за мене во кариерата. Имав и многу убави, но и лоши моменти, кога во Астана заработив скршеница на ногата. Сега сето тоа е зад мене, и максимално сум фокусиран на Шкендија“, вели најдобриот играч во Првата лига за месец март во изборот на МАКФУДБАЛ.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski