Фудбалската федерација на Македонија во соработка со УЕФА ги продолжува проектите за обнова и реконструкција на фудбалската инфраструктура во државата. Планот и намерата на Фудбалската федерација на Македонија е средствата од „хет-трик“ програмата на УЕФА, како и други средства од слични фондови на УЕФА и ФИФА, да бидат насочени кон подобрување на условите на стадионите во нашата држава, со цел натпреварувачката сезона 2021 клубовите од МФЛ да ја дочекаат на реконструирани стадиони со што фудбалерите би добиле максимални услови за игра, а гледачите на стадионите и покрај малите екрани уживање во фудбалот.
Во овој период тековни градежни активности се одвиваат на стадионите во Чаир, Охрид, Прилеп и Битола, а за нашата „Куќа на фудбалот“, еден од важните проекти во периодот што следува е целосна обнова со изградба на две нови трибини на градскиот стадион во Штип.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини заедно со потпретседателот, Лазар Ракиџиев и членот на У.О. од ОФС Штип, Димитар Џонов одржаа работен состанок со градоначалникот на Штип, Благој Бочварски на кој се сложија околу битни прашања и заклучија дека Градот и Федерацијата ќе ја продлабочат својата соработка во заеднички интерес, а тоа првенствено значи развој на фудбалската инфраструктура во Штип и целосна реконструкција на стадионот на ФК Брегалница.
„Со градоначалникот на Штип остваривме конструктивен разговор и навистина верувам дека меѓусебно можеме многу да си помогнеме преку размена на знаење и искуство по прашања за развој на фудбалот и изградба на инфраструктура. Мене ми е драго што со градоначалникот Бочварски, нѐ само како архитект по професија, туку и како страствен навивач на Брегалница, фудбалот ни е заеднички јазик и уверен сум дека можеме да направиме големи работи за стадионот во Штип, како еден од нашите најголеми фудбалски центри. Фудбалската федерација на Македонија во соработка со УЕФА ќе ја гради западната трибина на стадионот и заедно со општината ќе биде дел од проектот за изградба на репрезентативен стадион со категоризација за натпревари и од највисок ранг. Со претходниот проект од „хет-трик“ програмата, ние веќе целосно го реконструиравме теренот со поставување на модерен дренажен систем и осветлување, но ова е многу поголем и позначаен проект. Допрва следува најважниот дел, но се надевам дека ќе направиме голема работа и дека и во иднина ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата. Во следниот период, Фудбалската федерација на Македонија и детално ќе ги претстави сите проекти кои ќе ги реализираме во таа насока“ – истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
„Во Фудбалската федерација на Македонија одржавме состанок со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, дел од раководството на федерацијата и сопственикот на ФК Брегалница, Кирил Гогов. Од наша страна, информиравме за потребата од изградба на Градскиот стадион во Штип со нова, репрезентативна инфраструктура која би претставувала гордост за градот и ФК Брегалница, како еден од најголемите фудбалски брендови во државата. Проектот за новиот стадион го изработи Општина Штип, веќе е доставен во ФФМ, а федерацијата ќе ја разгледа целата техничка документација, ќе даде свои сугестии, а потоа нашата општина ќе издаде одобрение за градба. Исклучително сум задоволен затоа што добив позитивен одговор од страна на претседателот на ФФМ и подготвеност тие да ја финансираат изградбата на едната трибина. По завршувањето на изградбата, Општина Штип ќе започне изградба на втората трибина на новиот фудбалски храм на штипјани. Во наредниот период како Општина ќе ги преземеме сите обврски за отстранување на постоечката трибина од Градскиот стадион. Ова се навистина важни чекори кои ги превземаме за сериозен раст и развој на спортот во Штип, како еден модерен фудбалски град кој ќе биде пример за успешна спортска приказна во државата и надвор од неа“ – изјави градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski