Connect with us

Ексклузивна колумна на Филип Лам – Џуд Белингем ќе го освојува светскиот фудбал

Борусија Дортмунд би можела да ја искористи слабата фаза на Баерн Минхен и да стане германски шампион за првпат по 2012 година. Причината е Џуд Белингем, тој е најинтересниот играч во Бундес-лигата.


Белингем е комплетен играч од средниот ред. Може да дрибла, додава, шутира и има „мирис“ за гол. Неговиот прв контакт со топката е исклучителен, последен пат забележан во неговиот гол за 1-0 против Ајнтрахт Франкфурт. Физички е и бестрашен, се држи во дуелите, ја освојува топката. Покажува карактер на теренот, бара дуели со силни противници и презема одговорност на важните натпревари, како во клубот, така и во репрезентацијата.

Неговите вештини се прикажани на секој натпревар, вклучувајќи го и поразот од 4-2 во Минхен на почетокот на април. Не ги разбрав критиките за Белингем потоа. Доколку не биде во составот, како во поразот во четврт-финалето на Купот, тимот има многу помалку енергија. Борусија Дортмунд не може да си дозволи да игра без него.

Белингам ја разгорува имагинацијата затоа што еден ден би можел да стане светска класа. Има само 19 години, но е веќе „готов производ“. На 16 години се покажа во Чемпионшип во Англија, сега е веќе докажан во Германија во својата трета сезона. Герет Саутгејт смета на него, на Светското првенство во Катар беше во стартните единаесетмина на Англија на секој натпревар.

Во знакот на извонредните играчи е тоа што природно го покажуваат својот талент уште на млада возраст. Не можам да мислам на играч од светска класа во последните триесет години кој не се истакнал на тој начин на 20 години.

Белингем го има она што е потребно за да преземе улога во кој било врвен тим во Европа во следните десет или петнаесет години.

Белингем се етаблираше. Но, за да го заокружи и потврди својот потенцијал, мора да следи нешто наскоро. Зашто гледам една опасност: тој сè уште не ја дефинирал својата улога. Тој сѐ уште нема формирано стил со кој луѓето го идентификуваат. Сѐ уште не е јасно како тој ја сфаќа својата позиција.

Белингем понекогаш презема премногу задачи во Борусија Дортмунд, мора да игра на премногу простор, а потоа му снемува енергија за најважното. Од тоа страда неговата игра – јасност со топката, стратешко дефанзивно однесување кога ја нема топката. Во ремито 3-3 против Штутгарт, на пример, тој беше напред во судиското надополнување и покрај тоа што тимот беше во водство, додека некои од неговите соиграчи не го обезбедија шеснаесетникот. Израмнувачкиот гол дојде во последната секунда.

На централните напаѓачи како Ерлинг Халанд и Карим Бензема им е малку полесно во овој поглед. Нивната задача е појасна. Белингем е играч од средниот ред, кој треба брзо да ја чита играта, да го скенира противникот и да го пробива со своите идеи за разигрување на тимот.

Тројцата играчи, или броевите 6, 8 и 10, треба да најдат поделба на работата што ги балансира нападот и одбраната. Кашемиро, Лука Модриќ и Тони Крос со години во Реал Мадрид одлично го решаваа тоа.

Играчите од светска класа се карактеризираат со фактот дека нивниот придонес во играта е во основа секогаш ист. Крос е движечка полуга на Реал Мадрид веќе една деценија, дава одличен пример за тоа. Неговите додавања, неговата контрола на топката и неговиот преглед се непогрешливи. Единствени се и длабоките спринтови и асистенции на Кевин Де Бруин. Тој сѐ уште се развива. На пример, Пеп Гвардиола му дозволува да игра поцентрално отколку пред година или две.

Тоа мора да биде следниот чекор и за Белингем. За да ги достигне највисоките цели, на секој играч му треба водство од емпатичен тренер кој може да ги реши клучните прашања: Што гледам кај играчот? Што може да придонесе за тимот? Кога да им дадам предност на младите пред искусните? Многу искусен човек како Карло Анчелоти би ги нашол вистинските одговори. Понекогаш, исто така, соиграчите ви помагаат во овој последен чекор од фудбалското образование.

Белингем во Борусија Дортмунд најде сѐ што е важно за него. Тој може да игра недела по недела во амбициозен тим во голема лига. Го почитуваат и, се разбира, тој можеше да остане таму. Борусија Дортмунд е предизвикувач на Баерн Минхен во Германија, понекогаш е освојувач на Купот, редовно игра во Лигата на шампионите. Клубот го претставува регионот Рур. Не е ни чудо што „die Gelbe Wand“, тоа прекрасно фудбалско место, се препознава во Белингем и начинот на кој тој игра. Тој самиот, откако пораснал во Бирмингем, го опиша како „стил на работничката класа“.

Но, за да биде дом на Белингем на долг рок, Борусија Дортмунд ќе мора да престане да биде тим што само ќе етаблира млади суперталенти. Кога пристигна Ерлинг Халанд, беше јасно дека наскоро ќе замине. Мануел Аканџи се препорача за Премиер – лигата во Дортмунд, но стратешката одбрана ја научи во Манчестер Сити. Белингем исто така долго време се поврзува со други клубови.


Бундес – лигата е економски силна, го привлекува светското внимание и е атрактивна сцена за талентирани играчи кои ја користат за аудиција за други клубови. Тоа е причината поради која Бундес – лигата го губи теренот со Шпанија и со Англија. Тоа е сепак тема вредна за нова колумна.

(Колумната на Филип Лам, амбасадорот на ЕВРО 2024 во Германија, во Македонија може да се прочита ексклузивно на МАКФУДБАЛ.МК)

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови