Connect with us

Џеков: Најважно е Силекс да победи, а потоа и јас да не примам гол

Силекс со максимален респект оди по трите бода против Македонија ЃП. Откако ненамерно паузираше минатото коло и го доби натпреварот со Шкупи со службени 3-0, екипата на Силекс во сабота ќе го пречека тимот на Македонија ЃП.

За разлика од гостинот на овој меч кој нема освоено бод, кратовскиот тим има максимални шест од првите два дуели во новиот шампионат. Во првото коло избраниците на Александар Васоски беа убедливи над Брера со 5-0, а во второто добија победа од службени 3-0, и сега одат на максимален биланс од првите три кола.

Своите очекувања од пресметката со Македонија ЃП ги искажа голманот на кратовскиот тим Љупче Џеков. Тој во првото коло успеа да ја сочува својата мрежа, и досега е без примен гол во натпреварите, со надеж дека така ќе биде и утре во дуелот против гостинот од Ѓорче Петров.

„Императивот е на секој натпревар да одиме на трите бода, особено кога играме на домашен терен, каде ја имаме поддршката од нашата публика. За мене е важно да не примам гол, но поважно е Силекс да победи. Атмосферата во тимот е одлична, тренерот Васоски ја одржува екипата компактна и се надеваме дека тоа ќе ни донесе победа. Тоа што не игравме минатата недела натпревар сметам дека нема да влијае на нашата форма. Таа останува иста, оваа недела трениравме напорно и се подготвувавме за овој меч“, рече Џеков за официјалниот сајт на ФФМ.

Чуварот на мрежата на Силекс не го потценува противникот, и покрај тоа што во Кратово доаѓа без ниту еден освоен бод, по поразите од Струга ТЛ и од Шкендија во првите две кола од сезоната 2025/26.

„Имаме против нас сериозен противник, и сигурно нема да го потцениме. Иако немаат освоено бод, треба оваа задача да се сфати сериозно и да пристапиме максимално на теренот. Си има Македонија ЃП и силни страни и потценување не доаѓа во предвид. Важно е ние да бидеме вистинските, да ја играме нашата игра и да дадеме се од себе за нова победа“, заврши голманот на кратовскиот прволигаш.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови