Connect with us

Дербито со Вардар ќе има хуманитарен карактер: Пелистер се надева на победа против големиот ривал

Битола полека се подготвува за вистинска фудбалска атмосфера, бидејќи во среда со почеток во 17 часот, Пелистер ќе го пречека вечниот ривал и сегашен лидер на табелата во Првата лига – Вардар. По тој повод се одржа и прес-конференција на која беше нагласен хуманитарниот карактер на мечот.

„Натпреварот Пелистер – Вардар ќе има хуманитарен карактер. Целиот приход од влезниците, по цена од 200 денари, ќе биде наменет за семејството на прерано починатиот Зоран Петковски. Од доаѓањето на оваа управа, сите средства во клупската каса се од спонзорски договори, продажба на билети и дресови. Целиот управен одбор на ФК Пелистер е вработен во Општина Битола и во клубот работи без надомест“, изјави претседателот Александар Стефановски.

Новиот тренер Милан Стојановски верува дека Пелистер наскоро ќе бележи подобри резултати.

„Пријатно сум изненаден од квалитетот на фудбалот во Првата македонска лига. Јас сум поборник на ВАР системот и мислам дека тој може само да му донесе добро на македонскиот фудбал. Виде напредок во натпреварот против Тиквеш во споредба со претходно. Иако ни гостува лидерот Вардар, ние, како и на секој натпревар, играме за победа“, истакна Стојановски.

Капитенот Мирко Ивановски ги повика навивачите масовно да ги исполнат трибините на стадионот „Петар Милошевски“.

„Во екипата нема поделби, кланови или проблеми. Нормални се некои реакции кога резултатите не се на наша страна, но ве уверувам дека тимот е обединет. Гостувањето на Вардар е голема мотивација, и верувам дека гледачите ќе ни дадат поддршка и ќе дојдат во голем број, особено поради хуманиот карактер на натпреварот“, изјави Ивановски.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови