Connect with us

Чаби Алонсо: Повредите и лошото судење нѐ извадија од колосек

Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, немаше причини за радост по неочекуваниот пораз со 0-2 од Селта на „Сантијаго Бернабеу“. „Кралскиот клуб“ го заврши натпреварот со деветмина играчи на терен поради црвените картони за Фран Гарсија и Алваро Карерас. Стратегот изјави дека не е задоволен од судењето, но во исто време призна дека и неговиот тим не беше на потребното ниво на овој натпревар.

„Сите сме лути, ова не беше натпреварот што го сакавме, ниту пак резултатот. Уште на самиот почеток повредата на Милитао негативно ни влијаеше и ни беше тешко да се прегрупираме. Направивме неколку корекции. Натпреварот не се развиваше според нашите очекувања и мора да ја затвориме оваа страница што е можно побрзо. Ова се само три поени, останува многу до крајот на првенството. Во среда имаме натпревар од Лигата на шампионите, каде треба да реагираме и да се ослободиме од овој горчлив вкус. Не беше ова што го очекувавме. Го планиравме натпреварот така што да играме со добро темпо и да притискаме квалитетен противник, но некои работи не ни тргнаа. Повредата на Мили ги наруши нашите планови. Тоа е лоша вест, страдаме од повреди. Ова е уште една. Тешко ни беше да реагираме, иако речиси успеавме кога останавме со играч помалку. Ова се три поени што болат, лути сме и сега треба да покажеме друго лице во среда. Сите ја преземаме вината, и во добрите и во не толку добрите моменти. Мора да пристапиме одговорно. Не смееме да гледаме премногу долгорочно. Ситуацијата е напрегната поради повредите. Ќе мора да менуваме некои работи, ќе видиме“, започна Алонсо.

Тој додаде дека тимот гледа напред и верува дека ќе излезе од тешката ситуација во која се наоѓа.

„Се разбира, сите заедно, знаејќи дека ова е фудбал, треба да гледаме напред. Знаеме кои се барањата, поразите многу болат, но мора да продолжиме. Одговорноста е на сите и заедно мора да го преземеме ангажманот да ги правиме работите како што треба. Знаеме дека изгубените поени се важни, но не и пресудни. Сега ќе играме за три поени во Лигата на шампионите, се наоѓаме во добра позиција, тоа е на маса. Сакамe да покажеме добро ниво и да играме подобро“, продолжи тренерот.

Потоа тој остро го критикуваше и судијата на натпреварот, Кинтеро Гонзалес.

„Одлуките на судијата нè извадија од рамнотежа. Не го земаше предвид одолговлекувањето на играта, кое ни го нарушуваше ритамот, и беше премногу попустлив. Картонот на Карерас, не знам, беше многу спорен. Не ми се допадна, тоа малку нè извади од контрола. Во тие моменти од натпреварот нè исфрли од игра. Судењето не ми се допадна. Размислуваме за следниот натпревар во среда. Јасно е дека во моментов боли, но треба да гледаме напред, со барањата кои ги носи овој клуб. Со потребното достоинство. Тоа е нашата краткорочна цел“, додаде Алонсо.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови