Connect with us

Баерн мора да купува нов офанзивец, ќе притиска за трансферот на Ник Волтемаде

Најтрофејниот германски клуб, Баерн Минхен, остана без можност да се бори за титулата на Светското клупско првенство, но уште поважно – остана и без својата „десетка“, Џамал Мусијала, поради тешка повреда. Тоа ќе го насочи целиот фокус на клубот во наредните недели кон ангажирање нови играчи, а највисоко на листата на желби се наоѓа офанзивецот на Штутгарт, Ник Волтемаде.

Овој млад германски фудбалер, кој пред само две сезони играше во третата германска лига, блесна во минатата сезона со 12 голови во Бундес-лигата и покажа дека би можел да биде клучниот играч во новата офанзива на Баерн, особено по повредата на Мусијала.

Засега нема конкретни информации колку е блиску до реализација трансферот на Волтемаде, но честото споменување на неговото име во медиумите не му оди во прилог на спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл.

„Целиот свет мисли дека го разгледуваме ангажманот на Волтемаде, тоа веќе не е тајна. Но, сето тоа ни ја отежнува ситуацијата и не можеме мирно да водиме преговори. Со сета врева околу тоа, не знам што ќе се случи. Ќе се обидеме да најдеме решение, а ако не успееме – ќе биде штета! Не мислам дека Штутгарт ќе ни направи проблем, затоа што нашите односи се одлични, но сакаме да пристапиме рационално поради буџетот со кој располагаме“, изјави Еберл.

Доколку Волтемаде пристигне во Минхен, тоа би бил најважниот трансфер за Баерн ова лето. Младиот напаѓач може да игра како класична „деветка“, но и како „лажна деветка“, и позицијата која ја покриваше Мусијала.

Со неговото доаѓање, тренерот Винсан Компани би добил дополнителна длабочина и флексибилност во последната третина од теренот, каде отсуството на Мусијала ќе се чувствува значително.

Германските медиуми пренесуваат дека Родриго од Реал Мадрид неочекувано би можел да се најде во фокусот на Баерн, откако пропаднаа обидите за трансфери на Нико Вилијамс и Рафаел Леао. Бразилецот одамна не е задоволен од својата ситуација во Мадрид и посакува промена на средината, но неговиот силен договор со „кралскиот клуб“ значително го компликува евентуалниот трансфер.

Во игра е и името на Чави Симонс од Лајпциг, но и овој трансфер изгледа прилично неизвесен, бидејќи е нејасно дали Баерн е подготвен да ги исполни високите финансиски барања на холандскиот фудбалер.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови