Connect with us

МАКФУДБАЛ – Тим на 20. коло!

Вардар се издвои на +10 бода од второпласираната Шкендија по 20. коло од Првата македонска фудбалска лига. „Црвено-црните“ се првата екипа која сезонава успеа да слави во Велес, па искористувајќи го ремито на тетовци во Кратово со Силекс, сега се со двоцифрена предност во битката за титула. Работнички, пак, се извлече од последната позиција откако славеше со 2-1 против Шкупи, а значајна победа во битката за опстанок против Струга ТЛ запиша и Ренова.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 20. коло во Првата лига. 

1. ДАНИЕЛ БОЖИНОВСКИ (СИЛЕКС)

Квалитетен натпревар на Божиновски кој успеа да ја зачува сопствената мрежа пред налетите на фудбалерите на Шкендија кои беа блиску до триумф со играта во вториот дел. Но, Божиновски во неколку наврати одлично интервенираше за реми без голови.

2. ТОМЕ КИТАНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Одличен во дефанзивата а постојано активен и во средниот ред на „жешкиот“ дуел против Академија Пандев.

3. СРЃАН ДРАШКОВИЌ (СИЛЕКС)

Одбраната на кратовци имаше тешка задача на дербито против Шкендија. Но, успеаја да ги спречат во голема мера налетите на гостите, во тој дел со огромна помош и на Драшковиќ.

4. ЏЕЛИЛ АБДУЛА (РЕНОВА)

Квалитетна партија на дефанзивецот на Ренова. Беспрекорно во одбраната во триумфот на „гипсарите“ против Струга ТЛ.

5. РЕИС ЖУНИОР (ВАРДАР)

Уште еден забележителен настап на левокрилниот дефанзивец на Вардар. Сигурен во дефанзивните задача, а постојано дел и од офанзивните акции на својот тим.

6. АЛИ АДЕМ (ВАРДАР)

Се врати во првиот тим на Вардар и веднаш со една од најзапазените улоги. Максимално сигурен во средниот ред каде се кршеше резултатот во Велес.

7. ПЕТАР ПЕТКОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Оној кој ја сервисираше победата на својот тим. Асистент на двата гола за „романтичарите“ по одличните соло акции по левата страна.

8. ДАНИЕЛ АВРАМОВСКИ (ВАРДАР)

Уште еднаш најдобриот во составот на Вардар. Мотор во средниот ред, а стрелец и на единствениот гол за победа на „црвено-црните“ на гостувањето со Борец.

9. ДАВИД ТОШЕВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Повторно творецот на победата на Работнички. Стрелец на двата гола со кои тимот од Дебар маало стигна до значаен пресврт-триумф.

10. ДЕЈАН БЛАЖЕВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Ја донесе победата за „лавовите“ со гол од пенал. Сигурен, издржувајќи го и психолошкиот притисок, при изведувањето на ударот од белата точка во последните секунди од средбата.

11. ФЛОРИЈАН КАДРИУ (РЕНОВА)

Најдобриот во составот на Ренова во триумфот против Струга ТЛ. Стрелец и на еден од погодоците во победата од 2-0.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови