Connect with us

Мбапе: Да, му реков на Нејмар дека е клошар!

Во големо интервју за „Л’Екип“, ѕвездата на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе, ја отвори душата и зборуваше за бројни интригантни теми. Главната тема секако е неговата желба да го напушти Париз и да се пресели во Реал Мадрид.


„На почетокот, барав време за размислување. Пред Европското првенство, им реков на луѓето од клубот дека не сакам нов договор. И по Европското првенство, јасно ставив до знаење дека сакам да заминам. Мојата идеја беше сите да бидат задоволни, ПСЖ, јас, а сакав и мојот клуб да заработи, да му дадам доволно време да најде замена … Накусо, сакав сите да бидат среќни и не бев јас во прв план. Клубот одлучи да заминам како слободен играч, одлучија да не ме продадат. Да бидам јасен, јас сум среќен четири години во ПСЖ. Реал испрати неколку понуди, од 160 до 200 милиони евра. Во тој период слушнав многу неточни работи: дека одбив пет или шест понуди од ПСЖ, дека не сакам да разговарам со Леонардо, дека имам идеја да кренам бунт во соблекувалната “, се пожали фудбалерот.

Тој вели дека има намера да се пресели само и единствено во Реал Мадрид.

„Чувствував дека мојата авантура во Париз заврши. Сакав нешто ново, поинакво. Играм шест или седум години во францускиот шампионат. Му дадов на Париз се што можев. Мислев дека имам право на моја проценка. За мене, напуштањето беше логичен чекор. Да заминев, тоа ќе беше само Реал Мадрид “, открива Мбапе без да ја смени својата позиција дека сака да го напушти Париз.

„Останав во Париз и среќен сум. Во ниту еден момент до крајот на сезоната нема да слушнете или видите став од мене: не ме пуштивте, во ред, нема да играм како што знам и умеам. Го сакам фудбалот премногу и го почитувам овој клуб. Нема да одиграм ниеден натпревар под максимумот. Што се однесува до мојата ситуација – веќе не зборуваме за продолжување на соработката бидејќи знаат дека сакам да си заминам“.

Пари Сен Жермен имаше неверојатен преоден рок, а шлаг на тортата беше доаѓањето на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лео Меси. Мбапе вели дека нема проблем со него, како што тврдат медиумите.
„Кога го имате Меси во тимот, знаете дека тој работи помалку во одбраната, така што подоцна пред голот на ривалот ќе биде подготвен да постигне гол, за да биде луциден. Ако треба да се вратам назад, тоа не е проблем. Тоа е хиерархија. Не ми е проблем да трчам додека Меси оди, навистина немам проблем со тоа. На крајот на краиштата тоа е Меси, нели? И се случуваат недоразбирања. Понекогаш не сум среќен дека не ми ја додаде топката, но, во основа немаме проблеми“, објаснува Мбапе.

Камерите го фатија како изразува незадоволство кон Нејмар, кого го нарече „клошар“.

„Да, навистина го кажав тоа. Повторувам, тоа се случува во фудбалот. Но, тоа не значи дека имаме проблем. Разговаравме после тоа … Разменувавме многу такви зборови во минатото, затоа што сите сакаме победа, освојување трофеи. Веројатно ќе има такви реакции во иднина, но навистина нема големо незадоволство. Го почитувам Нејмар и како играч и како човек, му се восхитувам. Понекогаш сум незадоволен од неговите потези , понекогаш тој е незадоволен од моите. Но, тоа поминува”, заврши Мбапе, кој напомена и дека сака да настапи за фудбалската репрезентација на Франција на следните Олимписки Игри.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови