Connect with us

Младиот Работнички повторно добива европски шарм

Работнички го совлада Тиквеш со 2-1, остварувајќи ја втората победа во новиот шампионат. Тимот одигра квалитетно, задоволен е и тренерот Александар Влахо, а ако се погледне составот кој истрча на теренот јасно беше изразена и видлива младоста и полетноста на „романтичарите“. Освен двајцата стопери, Александар Ристевски и Александар Позњак, а во одбраната секако е пожелно малку поголемо искуство, сите останати во тимот се „У21“ – желни за докжување и надигрување.

Работнички, се чини дека повторно успеа во својата „револуција“, да создаде млад и квалитетен тим, кој неколку сезони би играл заедно, а би бил конкурентен за пласман во европските купови.

Браќата Лука и Марио Станковски се носители на тимот, секако и репрезентативниот голман Ристе Јанков, но тука се младинските репрезентативци Димитар Тодоровски и Методи Максимов, играчите за врска Андреј Лазаров и Анес Османоски, стоперите Андреј Кировски и Бојан Илиевски, левиот бек Марјан Ристовски. Ако на ова се надополни искуството на капитенот Кристијан Стојкоски, Драган Стојков и новото засилување Дејан Тантуровски, се заокружува еден навистина квалитетен тим.

„Задоволни сме од победата над Тиквеш и од бодовите, а посебно од реакцијата на младите фудбалери на Работнички кои добија шанса на овој натпревар. Освен двајца поискусни, сите останати во тимот се на возраст од 18 до 22 години, и може само да радува на каков начин го одиграа мечот. Сега се подготвуваме за следниот предизвик, гостувањето кај Ренова во Тетово во следното коло. На овој натпревар ќе добијат право на настап уште неколку фудбалери кои ги доведовме како засилувања и верувам дека тоа ќе донесе и дополнителен квалитет за тимот“, вели шефот на стручниот штаб, Александар Влахо.

И новите засилувања се дел од стратегијата од која Работнички не отстапува, млади и квалитетни фудбалери. Бразилецот Родриго Гоес треба да ја зголеми конкуренцијата во средниот ред, крилниот играч Ебрима Баџие веќе дебитираше, а се очекува настапот и на напаѓачот Ламин Дарбо. Последното засилување е левиот бек Дин Аломеровиќ, а во позадина се исто така млади сили, Матеј Ангелов, Бујар Хајдари, покрај поискусниот голман Бурхан Мустафа.

Работнички по четири одиграни кола се наоѓа на петтата позиција со седум освоени бода, а следен предизвик за „романтичарите“ е гостувањето кај Ренова во Тетово.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови