
Македонија го загуби првиот натпревар на европските првенства. Еден од експертите на МАКФУДБАЛ за ова ЕВРО е поранешниоот македонски селектор, Ѓоко Хаџиевски.
„Загубивме на стартот. Добро се држевме некаде еден час, но потоа паднавме. Тоа што го зборував и во најавата, дека на Европско првенство треба повеќе од 80% од тимот да го даде максимумот и да се надмине себеси за успех, овојпат Македонија не го исполни. Не зборувам за желбата и за залагањето, туку за ефектот на теренот. Едноставно, не профункциониравме уште од стартот.
Секако има притисок на вакви мечеви, а можеби и победата над Германија нас не залажа, а на противниците им ги отвори ширум очите дека Македонија не смее да се потцени.
Не успевавме да ја изнесеме топката од нашето поле со доволна брзина. Ниту одбранбеното трио, ниту страничните фудбалери не успеаја во тоа, Аријан Адеми се потроши многу, но повеќе на дефанзивен план, а кај Барди се виде истоштеност, можеби и од проблемите со Ковид. Нашите фудбалери за врска не успеваа брзо да ја пренесат топката на противничкото поле.
Во дефанзива, стоевме далеку од играч, многу често доцневме со реакциите за да пресечеме топка и да ја одземеме.
Клучот кај Австрија беше Давид Алаба, играше одлично, и тоа на неколку позиции. Почна како лев бек, се врати дури и на либеро за да земе топка и да ја изнесе, потоа и како крилен играч во финишот, кога Австрија бркаше победа. И практично со феноменален центаршут и донесе водечки гол за Австријците. Одличен впечаток кај противникот остави и Ксавер Шлагер. Тој секогаш имаше решение за да изгради акција, се придодаваше во празен простор, правеше вишок во средниот ред. Многу му ја олесни работата на Сабицер.
Австрискиот селектор Франко Фода направи и вистински замени, на крајот освежувањата постигнаа голови и донесоа триумф.
Овој пораз не треба да донесе разочарување. Напротив, мотивите треба да се уште поголеми за македонските репрезентативни да одиграат поквалитетно на вториот натпревар против Украина.
Напред Македонија!

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Четири натпревари, нема многу избор, но, сепак, победите мора да се вреднуваат. Вардар успеа...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Ќе си ја земам топката и ќе си одам – Кај ќе одиш, на апарати?!
Кај нас во маало, а верувам и во други маала низ нашава Македонија, најубавата...
Автор Nikola Gjurovski