Македонскиот вицепрвак Шкупи планира големи активности во блиска иднина, се со цел да го издигне нивото на клубот кон европски размери. Сопственикот Олгун Ајдин денеска имаше средба со медиумите на која истакна дека клубот има шампионски цели за следната сезона, но и планови за долгорочни инвестиции за подобрување на инфраструктурата и имиџот на клубот од Чаир.
„Изминативе неколку сезони нè уверија дека Шкупи има голем квалитет, капацитет а со тоа и потенцијал за постигнување навистина значајни резултати во меѓународни натпревари. Со цел да го максимизираме тој потенцијал започнавме една интензивна програма со инвестирање во нови играчи и во вредни трансфери, како и во подобрување на условите за тренинг и подготовка на играчите. Играчите се суштината на фудбалот, а наша задача како управа на клубот е да им обезбедиме средства и поле за нивниот потенцијал и талент да дојде до израз. Тоа се случува во ФК Шкупи во изминатиов период и во истата насока ќе продолжиме и понатаму се додека Шкупи не го ставиме во центарот на европските фудбалски имиња”, вели Олгун Ајдин.
Договорите со трите нови имиња кои ќе бидат дел од Шкупи се веќе потпишани, Фисник Зука од Работнички се врати на Чаир, пристигна младинскиот репрезентативец Блертон Шеји од Струга Трим Лум, а денеска беше претставен и Томе Китановски од Македонија ЃП. За следниот период менаџментот на Шкупи најавува и нови трансфери кои се очекува да бидат потпишани пред почетокот на Конференциската лига, а исто така и за новата сезона 2021/22 се договараат уште нови трансфери на странски фудбалери кои ќе играат во Шкупи.
Една од најзначајните промени со кои Шкупи ќе придонесе за зголемувањето на спортската култура и засилување на фудбалските потенцијали е формирањето на Академија за млади фудбалери, инвестиција на клубот.
„Академијата за млади фудбалери ќе биде капитална инвестиција, која ќе помогне во препознавање, развој и формирање на идните млади фудбалери. Почетокот на проектот ќе биде наскоро така што новите генерации фудбалери на Шкупи ќе имаат најдобри услови за учење, тренинг и напредување. Веруваме дека овој проект ќе го подигне фудбалот на највисоко ниво во нашата земја, што ќе биде една од најголемите инвестиции во нашите фудбалски академии”, дополнува сопственикот Олгун Ајдин.
Во моментов интензивно се работи на целосна реконструкција на стадионот на Шкупи, каде е поставена нова ВИП трибина со капацитет од 1800 гледачи. ФК Шкупи, исто така планира да отпочне практика на одржување редовни конференции за медиуми после секој натпревар, со цел информирање на јавноста за случувањата во клубот, но и со цел поттикнување на мотивираноста на играчите и подигнување на вербата во успехот на клубот, онака како што практикуваат да работат сите европски фудбалски клубови.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski