Connect with us

Охрид Лихнидос: Калкулантското и слабото судење на Димитар Пилешков го засени дербито во Гостивар

Македонскиот второлигаш Охрид Лихнидос јавно истапи против лошото судење на мечот против Гостивар (1-1). Соопштението го објавуваме во целост…


Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос, на почеток, посакува да го искаже незадоволството од слабото и калкулантското судење на судиската четворка предводена од Димитар Пилешков, на вчерашната дерби пресметка, помеѓу Гостивар и Охрид, во Втората македонска фудбалска лига-запад.

Во еден од натпреварите кој може да го одлучи пласманот на табелата, ние, како клуб добивме катастрофално судење, со многу дискутабилни и лоши одлуки, сите на наша сметка.

Пречекот од домаќините беше одличен, но главната улога наместо фудбалерите на теренот ја имаше судиската четворка. На почетокот на натпреварот дозволи крајно груба и неспортско игра, не санкционирајќи ги острите стартови на домашните фудбалери, кои немаа допирна точка со фудбалската игра. Дозволуваше еден фудбалер да направи 2-3 стартови пред да биде усно, или пак, опоменат со жолт картон. Кога Охрид успеа да се извлече од „судиската стапица“ и да ја затресе мрежата, следуваше „помош“ од аут линијата, кога асистентот сигнализираше офсајд пред било кој играч да игра со топка, што е спротивно од новите правила и прописи.

Во финишот од првиот дел, домаќините, со дискутабилен гол го отворија резултатот. Од видео снимките се гледа дека нашиот фудбалер со број 4 е турнат со раце, а фудбалерот кој го прави фаулот постигнува погодок. За сите имаше фаул, не` и за Пилешков.

Во второто полувреме Пилешков дозволуваше домаќините да „лежат“ на теренот, да ги врзуваат копачките и местат костобраните по цела минута, внесувајќи голема нервоза кај нашите фудбалери. Пилешков продолжи да ја толерира максимално острата игра на домаќините, кои не бираа начин и средства да ги запрат фудбалерите во бели дресови. Кога еден фудбалер од Гостивар после прекин на игра ја удри топката, Пилешков се затрча да му додели жолт картон, но се предомисли и му даде жолт на голманот, бидејќи играчот што ја удри топката имаше жолт картон.

Пилешков во 80-та минута се најде во безизлезна ситуација и мораше да го санкционира домашниот фудбалер со втор жолт картон. Нашите фудбалери, кои и претходно напаѓаа го зголемија притисокот пред голот на домаќините, но и кај главниот судија кој продолжи да толерира задржување на време. Во 90-та минута, Охрид израмни и најверојатно му ги замрси сметките на Пилешков, кој во судиското продолжение им додели уште еден црвен на домаќините, колку во записникот и во бележникот на контролорот да стои дека судел добро и ги заштитил гостите, а сликата е поинаква и жална за македонскиот фудбал.

На крајот, сакаме да кажеме дека ова не е прв пат да сме на мета од луѓето во црно. Минатата рунда кога игравме со Велазерими на домашен терен свое шоу имаше арбитарот Никола Иванов, кој не бираше начин да ја оштети нашата екипа. Мислејќи дека е случајно, не реагиравме, но нашето трпение ја прели чашата и моравме јавно да го искажеме нашето незадоволство.

Со почит, ГФК Охрид.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови