Connect with us

Почнува новото издание на Лигата на шампионите, Елиф Елмас е единствениот македонски претставник

Со првите натпревари денеска стартува новото издание на Лигата на шампионите. Оваа година, Македонија ќе има еден претставник, Елиф Елмас кој со Наполи ќе учествува во елитното европско клупско натпреварување.


Денешната програма предвидува шест натпревари – два од нив почнуваат во 18:45 часот, а останатите во 21 часот.

На „Сан Мамеш“, Атлетик Билбао го пречекува Арсенал. Баскијците остварија три последовни победи во Ла Лига пред да загубат дома од Алавес за време на минатиот викенд. Арсенал, пак, е во одлично расположение по убедливата победа против Нотингем Форест (3-0). „Топчиите“ направија скапа и квалитетна селекција и, според многумина, важат за едни од главните фаворити во турнирот.

ПСВ Ајндховен влегува како фаворит во дуелот против Ројал Унион Сен Жич, но судирите меѓу холандски и белгиски клубови отсекогаш биле непредвидливи. Бенфика има потреба од три бода против Карабах, но шампионот на Азербејџан располага со доволно класа за да пружи отпор на „Луж“.

Шпанскиот гигант Реал Мадрид ќе се обиде да ги избегне проблемите од минатата сезона, кога направи неколку грешки во главната фаза од натпреварувањето. „Кралевите“ на „Сантијаго Бернабеу“ го пречекуваат Олимпик Марсеј и не смеат да си дозволат потценување, бидејќи францускиот тим располага со сериозен квалитет.

Интересно ќе биде и во Лондон, каде Тотенхем го пречекува Вилјареал. „Спарси“ стекнаа самодоверба со победата над Вест Хем (3-0) и генерално одлично стартуваа во Премиер-лигата. Но, пред нив е противник кој повеќепати покажал дека не се плаши од дуели со најдобрите тимови, како во Шпанија така и во Европа.

Голем интерес предизвикува и средбата меѓу Јувентус и Борусија Дортмунд. „Старата дама“ е во подем по силниот старт во Серија А и победата над Интер со 4-3, но и Борусија се наоѓа во одлична форма. Интересно е што на клупата на двата тима се двајца Хрвати и добри пријатели – Игор Тудор и Нико Ковач.

Елиф Елмас и Наполи ќе имаат огромен предизвик уште на стартот. „Наполитанците“ во четврток ќе му гостуваат на Манчестер Сити на „Етихад“.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови