Connect with us

Булатовиќ: Пелистер ќе го покаже својот квалитет против Шкупи

Српскиот интернационалец во редовите на битолски Пелистер, Лука Булатовиќ, го постигна првиот гол за својот тим во новата сезона токму на дерби натпреварот со Вардар.

Тогаш „црвено-црните“ ја однесоа победата, но битолчани успеаја да слават на второто гостување кај АП Брера и сега апетитите се зголемуваат бидејќи следува мечот со Шкупи, екипа која оваа сезона се уште нема освоено бодови.

Според Булатовиќ, битолскиот тим ќе треба да демонстрира во пракса дека е на повисоко рамниште.

„Од мој агол, не ја познавам екипата на Шкупи доволно добро. На нас е да се подготвиме и да влеземе во овој натпревар како и во секој друг – максимално мотивирани, со јасна цел да го покажеме нашиот квалитет. Верувам дека имаме сериозен потенцијал и дека можеме да одиграме на високо ниво. Важно е од самиот почеток да наметнеме наша игра, да ја задржиме концентрацијата и да бидеме компактни во сите линии на тимот“, изјави Лука Булатовиќ за официјалниот сајт на ФФМ.

Тренерот Димитар Капинковски не бега од улогата на фаворит, но потсетува дека неговиот тим се уште се гради.

„Ние дефиниравме дека на секој натпревар ќе одиме на победа, а за тоа да се случи потребно е да бидеме на максимумот од своите можности. Имаме нова екипа што расте и се надградува, но знаеме што сакаме. Шкупи е тим кој не можевме да го гледаме минатата седмица, има нови играчи, па затоа се фокусираме на себе. Темелно се подготвуваме, ме радува што нападот профункционира во Струмица, имавме неколку изгледни шанси и два гола, беа изградени акции и тоа она што повторно ќе се обидеме да го оствариме“.

Иако ова требаше да биде прв натпревар за Пелистер на домашен терен (по гостувањата во Скопје и Струмица), битолчани наместо на својот стадион, ќе бидат домаќини во Кавадарци. Оваа одлука уследи како грижа за теренот во Битола, каде што во текот на септември селекцијата на Македонија до 21 година ќе биде домаќин на Италија во рамки од квалификациите за ЕП во 2027 година.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови