Connect with us

Шкендија мора да биде „лудо добра“ против Лудогорец, ако сака да го елиминира

Македонскиот првак Шкендија е исправен пред нов голем европски предизвик, вечерва го пречекува бугарскиот шампион Лудогорец во првиот дуел од плејофот во Лигата на Европа. Јасно е дека Лудогорец е фаворит, а уште појасно е дека Шкендија ќе мора да одигра „лудо добро“, ако сака да се надева на пласман во групната фаза од второто по ранг европско натпреварување.

Притисок секогаш има, да се даде најдоброто од себе, посебно во вакви европски предизвици. Шкендија секако направи историски резултат, со оглед дека има обезбедено групна фаза од Конференциската лига, но тренерот Јетон Беќири и фудбалерите ќе се обидат да направат уште еден чекор напред и да се пласираат во групите од Лига Европа.

„Нè очекува тежок натпревар затоа што играме против противник кој речиси секоја година настапува во групната фаза во Европа. Затоа треба да дадеме максимум и да бидеме многу сериозни. Сега немаме многу време со оглед на почетокот на домашното првенство, имаме само неколку дена за подготовка, но мора да го дадеме максимумот и во Европа и во нашата лига. Лудогорец е одличен тим, но ние имаме наши планови и ќе се обидеме да ги реализираме во овој двомеч“, изјави Јетон Беќири, тренерот на Шкендија.

Фудбалерите се подготвени да дадат сѐ од себе за уште едно европско чудо.

„Атмосферата е многу добра, фокусирани сме, знаеме дека играме со тим кој е фаворит, но свесни сме и за нашиот квалитет. ќе дадеме сè од себе и ќе се надигруваме со Лудогорец. Ќе излеземе на терен да го покажеме тоа што знаеме и умееме“, изјави играчот за врска Решат Рамадани.

Натпреварот меѓу Шкендија и Лудогорец се игра вечерва, со почеток во 20 часот, на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови